Реклама

Крај за „замижувањето“ на граници – телесни камери ги следат цариниците, патниците и превозниците

Во Прилеп се одржа едукативен соларен саем за искористување на обновливите извори на енергија, посебно сончевата

Потребни се радикални чекори за враќање на довербата во судството: Уставниот суд бара поголема отвореност и одговорност

Хаг ја отвори Пандорината кутија: Ако водството на УЧК во Косово се воени злосторници, што е со водството на УЧК во Македонија?

Хаг ги осуди за воени злосторства водачите на ОВК – Хашим Тачи доби казна од 25 години затвор

Фон Дер Лајен пред Европскиот Парламент: Канада доби историска покана од ЕУ, Македонија и Западен Балкан нови патокази за членство

Николоски: Со решавање на проблемот со превозниците до поголем пристап на европскиот пазар

Нацрт-предлогот на Кос за побрзо проширување како нова приказна за морковот и стапот од Европската унија

Само што излезе од затвор, веќе го пакуваат да го вратат- нова кривична за Стевчо Јакимовски

Градоначалниците од Источниот регион се договорија да градат заеднички регионален стационар за кучиња скитници

Доаѓа денот „Д“ за УЧК: Хаг ќе ја соопшти пресудата дали и Албанците вршеле злосторства за време на војната

Заканите, навредите и говорот на омраза станаа секојдневие, нивото на политичка комуникација падна на дното

Македонија

Костур, градот на дабарот, полубогот и старите ѕидини

Постојат градови чие име носи една приказна. Касторија, кое е грчкото име…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Постојат градови чие име носи една приказна. Касторија, кое е грчкото име на градот, односно Костур носи три – и секоја од нив, на свој начин, е точна.

Едните велат дека сè почнало со еден коњаник. Кастор – полубог, легендарен јавач и скротувач на диви коњи, близнак чиј брат Полидевк бил бесмртен син на Зевс, а тој самиот останал смртен. Така, патувајќи низ земјите на античка Македонија, застанал пред полуостров опкружен со вода, толку убав, што решил токму таму да подигне утврден град. Кога Кастор загинал во битка, Полидевк бил скршен од болка, па Зевс трогнат од нивната силна братска љубов им дозволил да ја споделат бесмртноста. Воедно, ги поставил на небото како соѕвездието Близнаци (Gemini), каде што двете најсветли ѕвезди и денес ги носат имињата Кастор и Полукс. Неговата смрт ги погодила и локалните жители, кои решиле да го именуваат градот по него верувајќи дека неговиот полубожествен дух и понатаму бдее над ѕидините Костур – Касторија.

Други раскажуваат поинаква приказна, врежана не во митот, туку во каменот. Полуостровот навлегува толку длабоко во езерото, што самиот по себе изгледа како непробојна тврдина. Кога византискиот император Јустинијан Први го сфатил тоа во VI век, наредил да се изградат моќни одбранбени ѕидови со кули. Целото парче копно почнало да личи на еден голем замок – на грчки кастро. А оттаму, велат, доаѓа и името.

Реклама

Но научниците најмногу веруваат во трета верзија – најмалку романтична на прв поглед, а всушност онаа што најдлабоко го обликувала градот. Во водите на Костурското Езеро некогаш живеела голема популација дабри – на старогрчки касторас. Езерото првин го добило името по нив, а потоа и градот на неговиот брег. И токму таму, во тие крзна на дабрите, што луѓето со векови ги ловеле, лежи семето на нешто што ќе го направи Костур познат во целиот свет.

Занает од отпадоци претворен во злато

Локалната легенда вели дека уште во византиско време костурските трговци научиле вештина што никој друг не ја совладал – да прават уметност од она што другите го фрлале. Наместо да ги користат целите кожи, тие ги откупувале најситните остатоци и парчиња крзно од големите европски центри за потоа, со невидена прецизност, парче по парче, да ги сошиваат во бунди што изгледале како да се исечени од едно единствено парче кожа. Техниката се вика let-out, а мајсторите што ја владееле биле вистински уметници.

Со векови Костур бил крзнената престолнина на светот. Градот имал свои претставништва во Виена, Лајпциг, Цариград, Париз. Парите се лееле на улиците – доволно е да се погледне грандиозноста на четвртот Долца, некогаш срцето на занаетот, за да се почувствува тој сјај.

Денес, меѓу модерните излози со скапи бунди, се крие и тишина. Празни витрини. Работилници во кои некогаш со генерации одекнувал звукот на специјалните шивачки машини, сега затворени или претворени во музеи. Разговорите со локалното население бргу откриваат зошто: падот почнал со подемот на еколошката свест во Европа, а дефинитивниот удар дошол со војната во Украина и санкциите кон Русија. Со децении богатите руски туристи биле главна економска алка – доаѓале со чартер-летови само за да купат крзно. Тој пазар денес е затворен.

– Ништо повеќе не е исто – вели сопственичка на еден од дуќаните што одбива да се предаде. „Ниту крзното е исто ниту изработката. Ниту, пак, денешните млади сакаат да го купуваат. Едноставно, се сменија времињата“.

Костур денес поминува низ болен, но неизбежен преод – од индустриски центар за крзно, кон дестинација на туризмот и културата.

Дишпилио: траги постари од седум илјади години

Токму во близина на Костур, во Дишпилио, се наоѓа еден од најинтересните неолитски локалитети на Балканот. При археолошките ископувања е пронајдена дрвена плочка со врежани знаци, позната како табличката од Дишпилио.

Нејзината старост е утврдена на повеќе од седум илјади години, а истражувањата на дрвениот материјал од локалитетот дополнително овозможија многу прецизно датирање на неолитската населба.

Што точно значат знаците на плочката, сепак останува отворено прашање. Тие не се општоприфатено толкувани како писмо, па затоа не би било прецизно да се наречат најстаро писмо во светот. Но и без таква титула предметот е фасцинантен: малата дрвена плочка е сведоштво дека луѓето што живееле покрај ова езеро пред илјадници години имале потреба да оставаат траги, знаци и пораки зад себе.

Езерото како огледало на градот

Прошетката покрај езерото е нешто што едноставно не може да се пропушти. Човек може со часови да оди покрај брегот застанувајќи одвреме-навреме на некоја клупа, само за да ја впие глетката – водата прегрната од планината, толку мирна, што мислиш, ако издишеш – бранови ќе направиш.

Езерото го чува и своето древно име – Орестијада по легендарниот Орест. Додека чекорев, ми се наметнуваше прашањето кој сè чекорел по истиве патеки пред векови. Градот, сместен на полуостров што служел како природна тврдина уште од антиката, ги крие корените уште подлабоко – во блиското Дупијак (Дишпилио), каде што некогаш со векови се издигале сојеници над водата. Денес, нивната реконструкција тивко сведочи дека овој пејзаж уште од праисторијата го нудел оној ист спокој поради кој луѓето останувале тука.

Со секој чекор глетката се менува пред очи. Час наидував на рибарски чамци врзани крај трската, час на старите куќи на градот што се спуштаат право кон брегот, час на планината што се огледуваше во мирната површина секогаш кога немаше ветар. Повеќепати морав да застанам и да им дадам предност на групи гуски, што гордо и во колона ја преминуваа патеката пред мене. Освен гуските, може да се видат и патки и лебеди како спокојно ги делат истите води.

На една од клупите седеше жена во шеесеттите години трпеливо фрлајќи им парчиња леб на патките што се натпреваруваа околу неа. Седнав до неа накратко, а таа, без многу да размислува, ми ја отвори душата.

– Езерото ми е лек – рече издивнувајќи се… – тука доаѓам кога ми треба да побегнам од проблемите.

Малку подолу, на истата патека, седеа двајца пензионери, потпрени еден до друг, набљудувајќи ја водата во тишина. Седнав до нив за кус разговор.

– Нема убавина како оваа, но градот некогаш беше пожив.

Со носталгија зборуваа за времето кога Костур бил светски центар за крзно, кога парите циркулирале во градот, а езерото било преполно со традиционални рибарски чамци – карави.

– Навистина целиот крај е преубав, како еден отворен музеј – рече еден од нив гледајќи кон другата страна на езерото. – Но, куќите ни се празни, децата заминуваат – додаде со засипнат глас, во кој се препознаваше и гордост и тага во исто време.

Нешто подолу, на едно ѕитче засенето од густа крошна, наидов на група млади на возраст од 16-17 години. Седеа опуштено, гледаа во телефоните, а меѓу нив се разгоре разговор за иднината – тема за која, очигледно, веќе имаа јасна замисла. Ми раскажаа дека планираат да заминат веднаш штом ќе станат полнолетни.

– Ќе одам на студии во Солун и планирам и таму да останам – ми рече Марија со искра во бадемовите очи. – Да, навистина е преубаво тука, но ноќниот живот е толку монотон, навистина нема што да се прави – додаде Константинос накратко тргајќи го погледот од мобилниот телефон. – Плус тука речиси и да нема работа надвор од туризмот. Што да правам ако останам тука? – праша Марија, а прашањето остана да виси во воздухот некако симболично за целиот овој преубав, но испразнет крај.

Патот кон пештерата – и змејот што ја чувал

Патот до пештерата на змејот личи на излез од бајка – тесен, обиколен со дрворед во златно-жолта боја, а патувањето со автобус низ него (во нашиот случај, со неколку вртења и враќања) речиси го претвора во авантура сама по себе. Пештерата, за жал, беше затворена за посетители во моментот на нашата посета. Но легендата што ѝ го дала името е интересна за споделување.

Раскажуваат дека откако Кастор го основал градот, тој го угостил својот брат Полидевк и сакал да му ја покаже огромната пештера скриена во утробата на полуостровот. Само што пештерата не била празна – во неа, според преданието, некогаш се наоѓал рудник на злато, а над благото стражарел змеј, кој дишел оган и пуштал отровен чад низ устата. Токму по обликот на неговиот отвор – што личи на отворена змејска уста – пештерата го добила и денешното име. Легендата се пренесувала со генерации сè до 40-тите години кога локални ентузијасти случајно го открија влезот откако бил долго скриен под наносите крај езерото. Денес, во нејзината внатрешност се кријат седум подземни езерца, поврзани со мрежа од сали и премини – доказ дека под митот овој пат навистина лежел свет вреден да се чува.

Осум века тишина

Ако од целото патување постои момент на тишина, тој беше при влезот во манастирот „Богородица Мавриотиса“. И покрај тоа што влеговме како голема група, сите одеднаш замолкнавме – восхит и понизност во исто време. 

Манастирот лежи на источниот брег на езерото, под сенката на високи чинари стари со векови, само неколку километри од градот. Основан е во XI век (околу 1082 -1083 година), за време на царот Алексиј I Комнин, токму на местото каде што византиските трупи слегле за да го повратат Костур од норманските освојувачи. Долго време носел друго, поблиску до легендата име – „Месонисиотиса“, „манастир на островчето“- сè додека во XVII век, по грижата што жителите на соседното село Маврово (подоцна преименувано во Маврохори) ја покажувале за неговото одржување, не го добил денешното име „Мавриотиса“.

Внатре ѕидовите раскажуваат сопствена приказна низ бои постари од осум века, во простор во кој се чини дека времето одамна престанало да тече.

Најпозната е големата композиција на Второто Христово доаѓање насликана на источниот и на јужниот ѕид на нартексот кон крајот на XII век, а веднаш под неа – сцена на Христовото крштевање, насликана малку подоцна.

На надворешните ѕидови се гледаат фрески со Кореново стебло на Јесеј (родословот на Христос) и – единствено за Костур – портрети на двајца византиски императори – Алексиј I Комнин и Михаил VIII Палеолог, насликани околу 1259 – 1260 година, во време кога манастирот бил обновен по едно негово делумно урнување.

Токму на тие надворешни фрески, во нивната пониска зона, застанав подолго време пред нешто што навистина ме потресе – изгребани лица и очи на насликаните фигури. Овие оштетувања, според историчарите на уметноста, потекнуваат од турското владеење кога уништувањето на очите и ликовите на светците било чин на верски вандализам. Кога нехристијански сили или освојувачи ги преземале византиските свети места, тие често ги оштетувале иконите. „Заслепувањето“ на светците, Богородица или Исус било симболичен чин со кој се верувало дека се уништува моќта на фреските и се спречува тие да ги чуваат верниците.

Локалниот чувар, со кого разменивме неколку збора пред фреските, спомна и една постара народна приказна, распространета на Балканот – дека луѓето некогаш го стругале малтерот околу очите на светците верувајќи дека прав од таа боја може да лекува слепило кога ќе се измеша со вода. Не знам колку од оваа приказна е историски документирана, а колку е народно верување пренесувано од уста на уста, но токму тоа е она што ме трогна: дека дури и едно оштетување може да носи во себе цела приказна за страв, вера и надеж.

Денес тие траги остануваат впишани покрај самите свети ликови – тивок потсетник дека еден ѕид може да носи слоеви историја исто толку различни колку и слоевите на самиот град.

Тиолишта: вечер поради која патувавме

Ако постои момент од ова патување што остана најдлабоко врежан во мене, тоа е вечерта на 8 септември во селото Тиолишта. Знаев дека патувам кон нешто важно, но не бев подготвена за тоа колку силно ќе ме допре.

Посетата беше дел од програма организирана од Републичкото здружение на децата бегалци и нивните потомци од егејскиот дел на Македонија „Т’га за југ“ по повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста на Македонија. Но она што го видов таму беше многу повеќе од програма на хартија.

Во селото беше организиран панаѓур – долги маси наредени во низа, покриени со бели хартиени чаршафи. Локално пиво и суфлаки за 5 евра. Жива музика што не престанува, оро што се навиваше и одвиваше без крај. Се пееја и грчки и македонски песни – гласовите се преплетуваа исто како и генерациите што седеа заедно на истите маси, рамо до рамо, како да немало никогаш растојание меѓу нив.

Меѓу гостите имаше луѓе во своите 80-ти години, кои патувале сѐ до овде од Скопје и од Велес. Eдна од нив, со очи полни солзи, но и со насмевка, ми рече: „Јас не дојдов на панаѓур. Јас дојдов дома“. Затоа што, за нив, овој простор не е дестинација – тој е роден крај, место кон кое се навраќаат со целото тело и целата душа, дури и по толку децении.

Оние од нешто помладата генерација, пак, го искористија моментот поинаку – за да воспостават контакт, да прашаат за минатото, да ги бараат нишките што ги поврзуваат со коренот.

Орото се играше до доцна во ноќта – македонски чекори на грчка земја, во село во кое двете припадности со векови живеат испреплетени.

А следниот ден, додека поголемиот дел од групата уживаше во прошетката покрај езерото, еден млад брачен пар тивко се одвои и замина до гробиштата во Тиолишта барајќи го гробот на прадедото. Таму запалија свеќа и оддадоа почит. Но, приказната не застана тука – во старите тефтери на селото успеаја да ги пронајдат впишани податоците за своите предци, испишани на грчки, со датуми што почнуваат уште од 1800 и некоја година. Ретко кое истражување за семејно потекло завршува толку директно – со рака поставена врз документ стар повеќе од еден век и со чувство дека, конечно, си нашол дел од себеси што си го барал, а не си знаел точно каде.

Јазикот на градот

Костур е град со три имиња, а можеби и со уште повеќе лица зад нив. Едно за полубогот коњаник што го основал. Едно за тврдината што едвај се разликува од карпата на која стои. Едно за животното чие крзно со векови го хранело градот, дури и откако самото засекогаш исчезнало од неговите води.

Но она што остана да ме следи долго и по напуштањето на градот не беше ниедно од трите имиња.

Беше една продавачка. На прашање поставено на англиски, таа само ме погледна, се насмевна благо и ми одговори: „Не разбирам англиски, но македонски – да!“

Толку едноставно. Толку директно. Во град чие име никој до крај не успеал да го протолкува, чија историја е испреплетена низ јазици, империи и векови, тој одговор изгледаше како најјасниот од сите – јасен колку и водата на езерото кога нема ветар.