Забрзан прием, отворање на европскиот пазар, зголемена финансиска поддршка, укинување на роамингот, но сè си има цена.
Во пакетот реформи на Европската унија се предвидуваат и доста нови и рестриктивни мерки, кои можат новите земји членки да ги сведат на држави од втор ред во Унијата.
Па така, според нацрт-документот на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по позитивните мерки, како морковот, следува и стапот – откажување од правото на вето и финансиски рестрикции доколку новата членка има проблеми со владеењето на правото.
Мислењата околу овој предлог се поделени – едни сметаат дека одземањето на ветото е хендикеп и навреда за новата членка, додека други сметаат дека со тоа ќе се избегнат ситуации како апсурдното бугарско вето за Македонија, кое само го кочи процесот.
„Тоа значи една реализација во ЕУ, дека со барањето да се има едногласност се создаваат проблеми за одлучувањето на Европската унија. За жал, тоа на нас не ни помага во оваа ситуација и за нашата ситуација, затоа што ние се соочуваме со неисполнување на една рамка која сме ја прифатиле. Нема ниту активно вето, ниту предлог да се укине ветото за постарите земји членки, како што е Бугарија“, вели Димитар Николовски од Еуротинк.
Не е само бугарското вето. Со укинувањето на ова право, Брисел сака да одговори на предупредувањата дека со повеќе од 30 членки, едногласното одлучување во Унијата ќе станува сè потешко. Со новите правила би се избегнале ситуации во кои една држава може да ја блокира цела Европска унија.
Според познавачите, вистинската причина за ваквите размислувања во Брисел е стравот дека со проширувањето ќе биде уште потешко да се постигне консензус, особено кога станува збор за Украина и блокадите од Унгарија и Словачка.
Николовски вели дека предлогот на Кос засега нема да донесе конкретна промена. Тој оценува дека Брисел со ова практично признава дека досегашниот начин на одлучување создава проблеми и дека една земја може да ја блокира цела Унија.
„Тие гледаат дека во ситуација кога ќе има проширување кога ќе има повеќе од 30 земји членки на ЕУ, ќе биде уште потешко да се однесе консезнус.Тие бе сакале да ги избегнат тие проблеми токму коишто и ние ги имавме со француското и бугарското вето. Каде што цела ЕУ е спремна да донесе некоја одлука освен една држава….мислам дека многу по важно за нив е прашањето со Украина и кочењето што тие го доживуваат во овој момент, дали од Унгарија или Словачка…така да во иднина може да се случи ова да се донесе такво правило за новите земји членки. Ова би го оценил како признание дека имаат направено грешка во минатото во својот пристап и начин на одлучување. Не знам колку навистина ќе ни помогне, можеби ќе ни купи малку повеќе добра волја“, вели Димитар Николовски од Евротинк.
Инаку, за утре е закажан состанок во Стразбур, каде претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ќе го одржи годишниот говор за состојбата на Европската Унија.Таа ќе говори за најголемите проблеми и предизвици со кои се соочува Европа – војната во Украина, европската безбедност и одбрана, миграцијата, економијата и работните места, климатските промени, следниот буџет на Унијата, и секако проширувањето.

