Македонската опера и балет (МОБ) ја најавува „Кавалерија рустикана“ под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ на сцената на МОБ на 11 септември во 20 часот. Режијата е на Џандоменико Вакари, а настапуваат солистите, Хорот и Оркестарот на Македонската опера и балет.
Од МОБ велат дека постојат претстави што се дел од репертоарот и постојат претстави што се дел од нашата историја.
-На 9 мај 1947 година, токму со „Кавалерија рустикана“ на Пјетро Маскањи започнува развојот на оперската уметност во Македонија. Речиси осум децении подоцна, ова големо дело повторно е на нашата сцена. На 11 септември, ве покануваме да ја доживеете приказната за Сантуца, Туриду, Лола и Алфио, приказна во која љубовта, неверството и љубомората водат кон трагедија-информираат од МОБ.
Во соопштението се наведува дека „Кавалерија рустикана“ не е само враќање на едно големо оперско дело. Тоа е средба со дел од нашата сопствена оперска историја.

