Престојот на специјалните пратеници на Доналд Трамп во Москва и Киев ги врати надежите за конечен мир во Украина. Снимките од средбата на двајцата американски дипломати со Владимир Путин сведочат за намалена тензија и даваат оптимизам. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, објави дека американскиот тим изразил интерес за што побрзо прекинување на непријателствата и понудил цела низа размислувања во врска со можните патишта кон решение. Официјален претставник на Белата куќа соопшти дека двете страни разговарале за суштински планови за следните чекори, кои ќе бидат објавени во наредните недели.
По состанокот со Путин во Москва, американските преговарачи, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, денеска се на средба со украинскиот претседател Зеленски во Киев. На маса се идеите на Вашингтон за ставање крај на војната, како и забелешките и проценките од тричасовните разговори со шефот на Кремљ.
Путин и Зеленски наредија тридневен прекин на огнот за време на посетата на американската делегација, но двете страни не се согласиле на поширок прекин на огнот.

