Ранци, тетратки, пенкала, моливи, боички, фломастери, блокови – дел од најпотребниот училишен прибор годинава ќе биде поевтин за 15 проценти. Владата даде зелено светло за новата „училишна кошничка“, со која целта е да се спречи нов удар врз семејниот буџет пред почетокот на учебната година.
Тоа ќе значи дека најголем дел од школскиот прибор, од моливи до училишни торби и уште куп ситници без кои не може да почне наставниот час, ќе се продаваат поевтино. Новите, пониски цени ќе важат од денеска до 30 септември.
„Особено важно е што со одлуката се обезбедува и транспарентност во однос на намалувањето. Трговците се должни покрај новата, намалена цена на производот, да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година. Затоа што токму оваа цена се зема како базична, врз основа на која се утврдува намалувањето“, вели Марија Митева, портпаролка на Владата.

Но, за разлика од изминатите две години, нема да има еден ист пакет за сите. Секој трговец сам ќе ја креира својата понуда, а родителите ќе можат да изберат што навистина им треба и колку можат да потрошат.
Од Министерството за образование велат дека сличната мерка во изминатите две години им донела заштеда од околу 2.000 денари на семејствата за секој ученик.
„Процентот е прилично соодветен и ќе им биде од корист на родителите. Образованието е обврзно и бесплатно, тоа е помош за родителите. Општините обезбедуваат и електронски уреди, обезбедуваат ужина и храна. Тоа што можеме да го направиме го правиме и мислам дека е олеснителна околност за родителите“, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Според последните пресметки, за основна опрема на едно прваче потребни се најмалку 5.000 денари. За оние кои сакаат покомплетен прибор, трошокот може да стигне и до 10.000 денари по дете.

