Започна уписот на студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Идните бруцоши годинава може да изберат меѓу 47 акредитирани студиски програми на 12 факултети и три академии. За новата академска година има над 3.300 слободни места за редовни, вонредни и студии со кофинансирање. Студентите прво аплицираат електронски, а потоа документите физички ги доставуваат на уписните места во Струмица, Гевгелија, Кавадарци и Скопје.
„По овој прв уписен рок, откако кандидатите ќе ги достават во физичка форма своите документи, а тоа треба да го направат до петок, 21 август, комисијата ќе направи нивна проверка и прегледување. На 26-ти ќе ги истакнеме прелиминарните резултати“, изјави проректорот на УГД, проф. д-р Сашко Коцевски.
Од УГД велат дека интересот годинава е зголемен, а најголем е за медицинските науки. Интерес има и за економските и правните студии, како и за техничките и филолошките факултети. За дел од идните бруцоши, условите за студирање и живеење се важни при одлуката своето образование да го продолжат во Штип.

„Ќерка ми е во Хрватска на работа, па затоа јас ги носам документите. Ќе се запишува на Филолошкиот факултет. Одбравме Штип, бидејќи ни е поблиску до Радовиш и сметаме дека има добри услови за студирање.“
„Јас ќе аплицирам на Факултетот за медицински науки. Својата иднина ја гледам тука и затоа се запишувам овде“, велат анкетираните.
И годинава околу 30% од квотите се наменети за странски студенти. За целосна дигитализација на уписниот процес, со што ќе се избегне физичкото доставување на документите, од УГД посочуваат дека во целост треба да се имплементираат законите за електронско потпишување и верификација на документите. За кандидатите кои нема да успеат да се запишат во првиот рок, вториот уписен рок ќе биде на 3 и 4 септември.

