Борбата со огнената стихија е дено-ноќна, а иако на моменти ситуацијата на терен се чини како сложена, сепак битката со пожарите и натаму е под целосна контрола.
Македонските пожарникари со целосна посветеност, пожртвуваност, но и професионално знаење успеаја вчера и денеска да изгаснат 21 пожар, а во моментов се справуваат со огнените јазици на уште четири опожарени локации.
–Во текот на вчерашниот ден имавме 25 пожари, благодарение на брзата реакција на пожарникарите, некаде и со повеќечасовна борба со пожарите, борба која на некои места се протегаше и на ноќните часови, 21 од нив се изгаснати, додека четири беа активни во текот на ноќта и се активни во текот на денешниот ден. Пожарот кај Македонски Брод е намален, благодарение на модулот на ДСЗ, благодарение на полицискиот хеликоптер, кој вчера цел ден работеше, но и трите ер-трактори, изјави Ангелов.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, посочи дека од пожарот кај Македонски Брод е активен уште кракот на стрмниот предел, исклучително тежок за гаснење, Според податоците, активни пожари има во Студеничани, Јегуновце и во општина Штип.
Првиот човек на ДЗС, воедно апелираше до излетниците да не палат оган во природа.
-Секојдневно предупредувам, секојдневно молам, ги молам граѓаните да бидат внимателни со своето однесување да не предизвикаат пожар. Потребна е само искра за да избувне оган. Овде крај реката треска гледаме огниште за скара. Погледнете го ова. Погледнета ја оваа сува трева. Ова е рецепт за катастрофа, изјави Ангелов.
Во моментов на сила е забраната за престојување во шумски и планински предели, што е дел од мерките за противпожана заштита.

