Малата Мила не бара играчки, ниту подароци. Во рацете го држи цртежот за својот татко. На него напишала: „Тато, ова е за тебе.“ Зад овие детски зборови стојат седум години надеж. Седум години тој чека срце, а седум години таа расте со желба дека еден ден ќе може без страв да го прегрне својот татко. И можеби Мила не ги разбира сите зборови што ги слуша околу себе. Не знае што значи трансплантација, не знае што значи механичка циркулаторна потпора. Но знае дека татко ѝ е болен и знае дека сака да оздрави. А за нејзиниот татко, кој има само 33 години, времето за чекање станува сè пократко.
„Конкретно, мојот сопруг е хоспитализиран и состојбата не е воопшто добра. Се надеваме на чудо дека час поскоро ќе се најде донор на срце и за нас. Состојбата е повеќе од итна, доаѓа до попуштање на неговото природно срце. Не на апаратите, апаратите си ја работат својата функција, меѓутоа неговото срце повеќе не може да издржи. Станува збор за комплицирана ситуација во која што доаѓаат други компликации од долгото носење на ваквите помагала“, – вели Ирена Ралева Најдевска, сопруга на пациент.
Зад секој број на листата за трансплантација стои нечие име, нечие семејство. И додека лекарите велат дека се подготвени да направат трансплантација, 30-тина пациенти во Македонија, со години ја водат најтешката битка за ново срце. Секој ден чекаат телефонскиот повик што може да им го спаси животот.

„Да се обидеме да направиме веќе еднаш трансплантација на лице со механичка циркулаторна потпора, бидејќи премногу долго чекаме, како лица со механичка циркулаторна потпора, а последиците се знаат, сите други органи почнуваат да затајуваат, односно да се разболуваат, од постојаниот притисок што го прават пумпите додека работат 24/7“, – вели Васко Јолески, пациент.
Без органодарители нема нова шанса за живот. Нашите соговорници упатуваат апел до секој поединец, доколку се најде во ситуација да треба да ја донесе најтешката одлука во животот, а тоа е да се донираат органи од својот починат близок, да не се двоумат. Затоа што на листата има млади пациенти кои што со последните сили го чекаат повикот за срце. Верувајте дека вечно ќе ви бидат благодарни. Со новото законско решение, одлуката за донирање органи по смртта повеќе нема да ја носи семејството. Од 1-ви октомври секој што има трошка емпатичност и хуманост во себе, доброволно може да ја изрази својата согласност кај својот матичен лекар. Секој што ќе каже „да“ за органодарителство, може да стане нечие утре.

