Додека пожарникарите со денови се борат со пожарите низ земјава, има и такви кои намерно го разгоруваат огнот. Во Битола и Прилеп веќе се приведени двајца пиромани за намерно потпалување пожари на отворен простор. Првиот инцидент се случил во четвртокот во Прилеп, кога полицијата затекнала лице како потпалува оган на отворен простор, а само еден ден подоцна, приведен е и 39-годишен битолчанец, кој бил затекнат како потпалува кај местото „Тепсија“. Од МВР велат дека случаите се расчистуваат и дека се преземени мерки против нив.
„На 14.08.2026 во 21:15 часот, полициски службеници од СВР Битола на улицата „Јорго Костовски“, на местото викано „Тепсија“ во Битола, го лишија од слобода Е.К. (39) од Битола, откако бил затекнат при предизвикување пожар на отворен простор. Претходно, на 13.08.2026 во 23:10 часот, полициски службеници од ОВР Прилеп, на местото викано „Падарица“ во Прилеп, го лишија од слобода И.Ч. од Прилеп. Кај него била пронајдена и запалка. По целосното документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, велат од МВР.
Досега на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 27 пожари. Од ЦУК велат дека дождовите помогнале во гаснењето на дел од нив, но бројката и понатаму останува алармантна. Најкритично засега е во општините Студеничани, Македонски Брод, Велес, Јегуновце, Крушево и Сарај. Во Македонски Брод активен е пожарот во месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица, каде што гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки. Кај селото С’лп во Општина Велес се зафатени ниска вегетација и ретка дабова шума.

„На територијата на општина Македонски Брод во последните три дена работи специјалниот модул за шумски пожари, составен од 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на дирекцијата, на тешко пристапен, на места непристапен, карпест терен, стрмен терен и резултатите од нивното дејство овие неколку дена се извонредни. На територијата на општина Јегуновце сè уште е активен пожарот, над село Копанце, гори високо во планината, не претставува опаност за никого, пред сè нискостеблесто растение, високи грмушки трње. На територијата на општина Велес имаме активен пожар ва атарот на село С’лп каде вчера ер тракторите помогнаа на пожарникарите, пожарот да не го зафати селото“, изјави Стојанче Ангелов, раководител на главниот штаб за кризи.
Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување ги предупреди граѓаните да бидат совесни и да не фрлаат отпушоци или да палат оган на отворен простор. По вчерашниот инцидент во Прилеп, во кој беа нападнати двајца пожарникари додека се обидувале да изгаснат пожар во штала со поголемо количество тутун, тој апелираше и за поголемо разбирање кон пожарникарите, кои во услови на голем број интервенции не секогаш можат веднаш да стигнат до секое пожариште.

