Македонските туристи на Халкидики се безбедни. Нема повредени, нема жртви. Во Сивири туристите се уште надвор од сместувачките капацитети, додека пак оние од Фурка го продолжуваат одморот во нивните престојувалишта. Од туристичките агенции потврдија дека турите продолжуваат без застој, а пожарите се изгаснати.
И на двете места беа евакуирани граѓаните, Сивири заради тоа што сеуште чекаме дозвола, посебни дозволи се потребни за влез и излез во местото. Пожарите се прекинати, меѓутоа за безбедно летувалиште денес треба да се добие информација. За во Сивири сеуште нема, а од друга страна во Фурка, вчера околу полноќ граѓаните беа вратени во хотелите. -изјави Ана Марија Алексова од Асоцијација на туристички агенции.
По синоќешното драматично попладне на првиот крак на Халкидики, Македонското МНР во координација со надлежните грчки власти ги упати нашинците кои престојувале на подрачјата зафатени од огнената стихија кон најблиските точки наменети за евакуација, каде биле згрижени и останатите туристи.

Според информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Солун, до овој момент вкупно пет македонски семејства побарале помош или асистенција при евакуација од подрачјата зафатени со пожарите во Грција. – стои во соопштението на МНР
МНР апелира до нашите државјани кои се наоѓаат во загрозените подрачја и имаат потреба од помош, да се обратат во Министерството и Конзулатот на Македонија во Солун.
Ден по пеколниот налет, сликата во погодениот регион е страшна. Изгорени куќи, автомобили, сведочат за пожарот кој пеплосал над 350 хектари површина. Брзата интервенција на грчките служби спречи поголема катастрофа. Надлежните се на терен но локалното анселение се уште не може да се врати во градот оти и натаму има опасност. Се проверуваат сите критични точки за да нема повторно разгорување поради високите температури и силниот ветар. Инаку вчера по морски пат беа евакуирани близу петстотини луѓе. Во гаснењето учествуваа стотици пожарникари, интервенираа воздушни сили, како и бројни волонтери со чамци, гумени пловила. Во акцијата за гаснење полесно се повредени двајца пожарникари, а според досегашните информации нема повредени цивили. Се верува дека пожарот започнал со соборување на електричен столб од силните ветрови, но оваа информација засега не е потврдена.

