Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа дека со политичка волја, одговорност и домаќинско работење резултатите не изостануваат. За само две години започнавме процес на вистинска обнова на македонското здравство, сектор кој со години беше оставен во лоша состојба со застарена инфраструктура, недоволна опрема и нерешени проблеми. Денес зборуваме за реализирани проекти и конкретни инвестиции кои значат подобри услови за лекување на граѓаните и за работа на здравствените работници, рече пратеникот Петар Марков од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
За таа цел целосно се реконструирани оперативниот блок, интензивната нега, патологија, клиничката лабораторија и кровната конструкција на болницата „8-ми Септември“.
По повеќе од половина век целосно е реконструирано и пуштено во употреба одделението за трауматологија во Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“, а реконструирани се и шест современи операциони сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Додека во наредниот период ќе бидат пуштени во употреба уште четири нови сали.

Ова е почеток на системска модернизација на здравствената инфраструктура.
Истовремено започнавме една од најголемите набавки во здравството, 100 нови амбулантни возила со современа медицинска опрема. Тие ќе бидат распределени низ целата држава. Со ова значително ќе се подобри итната медицинска помош, ќе се обезбеди побрз транспорт за пациентите и поквалитетна здравствена услуга, особено во руралните и помалите општини.
Паралелно инвестираме и во современа медицинска опрема.
Во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство се вложени околу 110 милиони денари, од кои 35 милиони денари за реконструкција и 75 милиони денари за нова медицинска опрема.
Во Клиничката болница Битола по повеќе од две децении се заменува застарената медицинска опрема со нови современи апарати во вредност од над 30 милиони денари. Набавени се нов ендоскоп, апарат за операции на катаракта, декса апарат, современа уролошка и офталмолошка опрема, како и нови дигитални системи кои овозможуваат побрза и попрецизна дијагностика.
Покрај инвестициите во опрема, во Битола се реализирани и 61 ново вработување на неопределено време, затоа што модерното здравство не се гради само со објекти и со апарати, туку и со мотивиран и стручен медицински кадар.
Истовремено се реализираат и капитални проекти кои ќе го променат здравството во државата.
Во Кичево започнува проектот за изградба на нова современа болница вреден околу 22,5 милиони евра, кој ќе обезбеди поквалитетни здравствени услуги за целиот регион.
Во Штип започнуваме реализација на еден од најголемите здравствени проекти во државата, вреден 109 милиони евра. Новата клиничка болница нема да биде само болница, туку современ здравствено-образовен комплекс со медицински факултет, студентски дом и најсовремена медицинска инфраструктура.
Со тоа ќе се создадат услови за подобро лекување, едукација на нови лекари и задржување на стручниот кадар во источниот регион.
Почитувани,
За ВМРО-ДПМНЕ здравството е сектор во кој резултатите се мерат преку подобри услови за пациентите, модерни болници, современа опрема и достоинствени услови за работа на медицинските работници. Затоа продолжуваме со инвестиции, со реформи и со конкретни проекти.Продолжуваме да го јакнеме јавното здравство затоа што секој граѓанин заслужува навремена, квалитетна и достапна здравствена заштита.

