Учениците кои не го положија испитот во јуни, тие што го пропуштија, но и тие кои беа фатени со мобилни телефони, или пак се успаа во јунската сесија, денеска и во петок имаат втора шанса да полагаат матурски испит кој ќе значи билет за упис на факултет. Над 1400 ученици повторно седнаа на испитните клупи на факултетите и амфитеатрите низ државата. И овој пат испитите минаа во најдобар ред и без никакви пречки.
„За оваа испитна сесија се пријавени 1460 ученици, од кои што 1326 се пријавени за државна матура, 126 за државна стручна матура и шест се пријавени за уметничка матура“, изјави директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска Михајловска.
Денеска учениците полагаат англиски јазик или математика во зависност од нивниот избор. На 14 август, во петок се полага мајчин јазик кој е задолжителен. Според матурантите тестот бил полесен од очекуваното и тие одговориле на прашањата без никакви потешкотии.

За се да биде регуларно, процесот го следеа 300 тестатори и по четири до пет набљудувачи на секојa локација, што е значително помал број во споредба со јунската сесија.
„Полагањето помина во најдобар ред, учениците беа навремено дојдени и се помина по протокол. Ќе видиме како ќе помина на крај со резултатите“, изјави Дејан Давчевски, тестатор.
Инаку во јуни, од вкупно 14.587 пријавени ученици, 12.184 беа пријавени за државна матура, 2.276 за државна стручна, а 127 за државна уметничка матура. Надлежните очекуваат и овој пат целиот процес да заврши во фер и регуларна атмосфера. Резултатите може да се очекуваат веќе наредниот месец во септември. За илјадници ученици токму овие испити ќе бидат првиот чекор кон студентските клупи или пак пазарот на трудот.

