Центарот за трансфер на технологии во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип ќе понуди модерно високо образование и креирање на претприемачки способности на студентите, истакна на денешната прес-конференција проректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дарко Лазаров. Тој вели дека на реализацијата на овој Центар заеднички работат УГД, Стопанската комора на Македонија и општина Штип.
-Веќе сме во една фаза на изработка на инфраструктура, меѓутоа и институционално поставување на еден иновациски центар, односно универзитетски стартап центар, кој што ќе биде во рамки на Центарот за трансфер на технологии во рамки на Универзитетот. Целта на тој иновациски, односно универзитетски стартап центар е да им помогне на студентите, заедно со професорите, со младите истражувачи, со научниците, со лаборантите, научните сознанија и резултати кои што ги продуцираат да можат да ги комерцијализираат во вистински бизнис идеи. Целта на Универзитетот не е само да обезбеди знаење за студентите кои што понатаму тие ќе можат да го стават во функција за вработување, туку знаење кое што ќе можат да го стават во функција на креирање на сопствени бизниси и мислам дека еден од фокусите на нашиот Универзитет во наредниот период особено ќе биде тоа- вели Лазаров.
Тој додаде дека на студентите во овој Центар ќе им се овозможи да тестираат производи, прототипови, потоа професорите од Економски факултет ќе овозможат поддршка во делот на комерцијализација, лансирање, маркетинг активности, а пак професорите од Правен факултет на студентите ќе им овозможат техничка поддршка во делот на правни услуги.

-Значи, тоа ќе биде еден целосен систем, заедно особено со техничките факултети кој што Универзитетот ќе го стави во функција на сите наши студенти на сите три циклуси на студии. И дел од проектите кои што Универзитетот ги работеше, вклучувајќи го и проектот со Алијансата, меѓутоа и други проекти финансирани од Европската Унија, се во таа насока на градење на претприемачка инфраструктура, којашто иновациска инфраструктура во рамки на Универзитетот ќе биде ставена целосно во функција на самите студенти- вели Лазаров.
Прашан каде е лоциран новиот Центар, Лазаров одговори дека веќе се направени два иновациски хаба. Едниот е на Економскиот факултет, вториот е на Кампус 2, каде што се лоцирани техничките факултети.
-Значи тие се веќе поставени. Тие се веќе активни, поставени и ќе бидат промовирани од септември заедно со целиот концепт кој што ќе биде ставен во функција и ќе почне со работа. Веќе имаме договорено и одредени активности со Стопанската комора, меѓутоа и со други донатори, вклучувајќи ја Агенцијата Инова, и мислам дека од октомври овој проект ќе биде реалност за сите наши студенти. Имаме силна поддршка и од Општината, и од Стопанската комора, меѓутоа и од донатори. Би сакал тука да посочам дека во рамки на универзитетската Европска универзитетска алијанса еден од работните пакети не е само наставни програми, она што ректорот го спомна во делот на заеднички програми на прв, втор и трет циклус, туку еден од работните пакети е токму градење на академија за претприемништво- изјави Лазаров.
Проректорот на УГД-Штип, Лазаров вели дека Иновациски стартап центар кој што го гради Универзитетот е со целосна поддршка и од сите универзитети во рамки на Европската Алијанса, во која членува и УГД-Штип, а како што рече вклучувајќи го особено Техничкиот универзитет во Инголштат, кој што има голема традиција и има сериозна инфраструктура.
– Сите тие се ставени на располагање и ќе бидат дел од овој иновациски центар и активностите во рамки на Алијансата кои се поврзани со мобилност, специјализирани само за претприемништво, ќе бидат наменети за оние студенти кои што имаат интерес утре да отворат сопствен бизнис, да креираат бизнис идеи, да комерцијализираат иновации. Така што ова не е изолиран систем, туку еден интегриран систем кој што Универзитетот го гради системски и мислам дека резултатите ќе бидат видливи многу, многу брзо- изјави Лазаров.
На новинарско прашање за активните проекти во рамките на овој Иновациски центар, ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски појасни дека студентите и сега во моментот можат да направат прототип кој што можат да го тестираат во другите лаборатории и тоа дали од аспект на квалитет, технички и хемиски карактеристики и слична употребливост, до безбедност на употреба на тој производ.
– Целото тоа е веќе активно и нивните идеи, проектни идеи, се развиваат. Прават навистина интересни работи – од дел од хемиски состaви до 3Д модели, комплетно студентите веќе се активни. Дополнително, како што спомна проректорот, сето тоа што го прават кај нас, може истовремено да го прават и во партнерските универзитети во рамки на Алијансата и да креираат и тестираат производ во рамки на Алијансата, заедно со колегите од Австрија, Шпанија, Полска- вели Мираковски.
Ректорот на УГД-Штип, Мираковски забележа дека идејата е да развиваат и концептираат еден пристaп кој што е применлив и функционира во европските универзитети, и како што рече, „каде што она што многупати го говориме во смисла дека Универзитетот не треба да нуди само теоретско знаење за студентите, туку и практично применливо знаење“.

