По спроведеното чистење и хлорирање на водата, добиени се анализи кои потврдуваат дека истата е чиста и исправна за пиење во Зубово, Дражево, Борисово, Ново Коњарево и цело Ново Село, соопштија од Општина Ново Село.
Во соопштението се додава дека во селата Сушица и Колешино анализите се на граница на одобрување, со што ќе се изврши ново прочистување и хлорирање.
-Конкретно во Сушица ќе се изврши чистење и перење на резервоарот во четврток и петок. Се замолуваат граѓаните да не ја користат водата за пиење во Сушица и Колешино во наредните денови додека се врши хлорирање и прочистување, се до добивање наредни анализи и потврди од вработените и докторите во ЈЗУ „Центар за јавно здравје, Струмица“, велат од општината.

Од Општината и ЈП „Комуна“ апелираат на трпение и разбирање од граѓаните, а службите, како што посочуваат, вложуваат максимални напори за надминување на ситуацијата.

