Домот за стари лица „Зафир Сајто“ од Куманово ќе го реконструира геријатрискиот дел и ќе добие нова опрема преку прекуграничен проект во соработка со општините Лесковац и Врање и партнерски организации од Србија, информираа денеска надлежните од установата. Директорот Александар Крстевски посочи дека проектот е во завршна фаза. Предвидена е целосна реконструкција на геријатрискиот дел, која ќе опфати водоводна и канализациска мрежа, електрични инсталации, санитарни простории, како и набавка на опрема.
– Нашиот дом ќе добие целосна реконструкција на геријатрискиот дел, од водовод, канализација, електрична и санитарна инсталација, па сè до опрема. Како дом за стари лица ќе добиеме многу во однос на квалитетот на услугите за нашите корисници- посочи Крстевски.

Тој истакна дека партнерите од Србија веќе започнале со имплементација на проектот, додека за активностите што се однесуваат на кумановскиот дом во тек се постапките за јавни набавки. Во Домот „Зафир Сајто“ во моментов се сместени 172 корисници, а бројот, според директорот, се очекува да се зголеми во наредниот период. Крстевски нагласува дека една од најголемите потреби на установата е обезбедувањето дополнителен кадар. Согласно изготвениот план за вработување, Домот има потреба од 27 нови вработувања, а според нормативите таа бројка може и дополнително да се зголеми. Одлуката помина на Советот и сега се чека на одговор од соодветното министерство.


– Човечката работна сила е еден од главните чинители во функционирањето на домот. Работиме 24 часа и навистина е многу тешко, особено во периодот на летните одмори. Нашите вработени даваат над 100 проценти од своите работни ангажмани и секој му помага на секого, само за нашите корисници да добијат поквалитетни услуги- вели Крстевски.

Меѓу потребните профили, тој ги издвојува работните терапевти, социјалните работници, медицинските сестри и физиотерапевтите. Посочува дека установата во моментов нема социјален работник и работен терапевт, кадри кои се од особено значење за корисниците.
Во однос на невремето кое неодамна го зафати Куманово, Крстевски информира дека штети претрпел и Домот „Зафир Сајто“. Биле паднати неколку дрвја, оштетени инсталации и прозорци, а проблеми имало и со кровната конструкција. Штетите, како што вели Крстевски биле санирани со помош на донатори и со ангажман на вработените во установата.

