Со изложба на создадените дела заврши 52. издание на Меѓународната ликовна колонија „Куманово 2026“, на која пет дена твореа 14 уметници од земјава, Србија, Бугарија, Романија и Хрватска.
Организатори на традиционалната манифестација се НУ Музеј-Куманово и Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово. Колонијата има традиција од 1974 година и важи за една од најстарите ликовни колонии во земјава и на просторот на поранешна Југославија.

– Како организатори, Националната установа Музеј-Куманово и Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово, позитивно сме изненадени од нивниот творечки потенцијал. Оставија навистина успешна продукција на ликовни дела кои ќе бидат дел од фондот на Музејот и на Општина Куманово. Во делата прозвучува нивниот автентичен ликовен израз. Работеа на слободна тема, со веќе изградени лични поетики, но верувам дека престојот во Куманово и во нашата земја остави инспиративни траги кои можат да се препознаат во делата- рече Драгана Спасковска од НУ Музеј Куманово.


Таа посочи дека учесниците биле задоволни од дружењето и размената на искуства, нагласувајќи дека „Куманово“ е една од колониите со најдолга традиција во земјава.
– Ова е една од најстарите колонии на просторот на поранешна Југославија. Формирана е во далечната 1974 година и низ годините поминала низ различни, понекогаш и тешки фази и паузи. Сепак, најважно е што го истакнуваме нејзиниот континуитет. И покрај политичките кризи и различните проблеми, успеваме да ја одржиме. Таа се вбројува меѓу трите најстари ликовни колонии во Македонија, истакна Спасковска.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, нагласи дека локалната самоуправа и во иднина ќе ја поддржува оваа културна манифестација.
– Ова е 52. меѓународна ликовна колонија, нешто што е веќе традиција и што Општина Куманово со години наназад го поддржува. Нормално е дека ќе продолжиме да го поддржуваме овој традиционален настан, затоа што на тој начин им даваме простор на уметниците да ги срушат сите бариери што постојат на овие балкански простори. Тука се уметници од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија и Романија. Лично ги запознав и тоа се луѓе со широки погледи, на кои ништо не им пречи. Се инспирирале од природата, го посетиле Кокино, се запознаа со македонската храна и со убави впечатоци ја напуштаат нашата земја- рече Ѓорѓиевска.

Директорката на Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово, Саља Давидовиќ, оцени дека годинешното издание успешно ги исполни целите.
–Колонијата траеше пет дена, а уметниците имаа можност да работат, да се дружат. Имаа извонредна продукција, која останува тука, а колонијата заврши со изложба на уметничките дела создадени за време на нивниот престој- кажа Давидовиќ.

Меѓу учесниците годинава беше и кумановскиот уметник Страхил Петровски, кој на колонијата учествувал повеќе пати.

–На кумановската ликовна колонија сум учествувал и порано, во 90-тите години, во Матејче и во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, кои исто така беа мошне инспиративни-вели Петровски.
Тој посочи дека продолжува да експериментира и да не се ограничува на еден медиум или стил.
– Истражувам низ годините и експериментирам во моето творештво. Не се врзувам за одреден медиум. Експериментот ме водел и низ моите претходни претставувања и изложби. Можеби колористички има некое поместување, но ќе видиме како ќе се движам понатаму, додаде Петровски.

Организаторите посочија дека големиот фонд на дела создадени во текот на повеќе од пет децении претставува значаен дел од културното наследство на Куманово и придонесува кон афирмацијата на современата македонска ликовна сцена. Колонијата се реализира под покровителство на Министерството за култура и туризам, градоначалникот и Советот на Општина Куманово.

