Собранието денеска ја почна 112. седница, на која треба да бидат разрешени и избрани нови членови на Владата.
Во тек е образложение од премиерот Христијан Мицкоски на предлогот за разрешување на членови на Владата.
Собранието треба да го разреши Игор Филков, министер за правда (ЗНАМ), а на негово место да го избере Јетон Шасивари („Вреди“). Иван Стоилковиќ (коалиција ВМРО-ДПМНЕ) ќе биде разрешен од Министерството за односи меѓу заедниците, но треба да ја преземе министерската функција во Локалната самоуправа. Златко Перински, актуелниот министер за локална самоупрва, ќе биде разрешен и ќе ја преземе директорската функција во Фондот за здравствено осигурување, каде што на чело е Сашо Клековски (ВМРО-ДПМНЕ), кој се очекува да биде избран од Собранието за нов министер за здравство на местото на Азир Алиу. За министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати („Вреди“). Цветан Трипуновски ќе биде разреше од функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а на негово место ќе дојде Борче Серафимовски (ЗНАМ). Фатмир Лимани треба да биде разрешен од министерската позиција во Социјална политика, демографија и млади, а таа позиција да ја преземе Ѓоко Велковски (ВМРО-ДПМНЕ). Зоран Љутков ќе биде разрешен од министерската позиција во Култура и туризам, а на негово место е предложен Седат Сулејмани („Вреди“). На местото на Шабан Салиу, министер без ресор, е предложен Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ).

Во согласност со Деловникот за работа на Собранието, по предлогот за разрешување член на Владата, се отвора претрес, кој трае најмногу два дена. Членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјасни по предлогот во траење од 15 минути. Новите министри се избираат со мнозинство од вкупниот број пратеници.
