Бојан Стојаноски пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека за првпат во ребалансот на буџет се покачуваат средствата за капитални проекти за 14%, се со цел, како што кажа, зголемување на животниот стандард, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„За првпат во историјата од кога Република Македонија е независна во ребалансот се покачуваат средствата за капитални проекти за 14%. Ние ја кажавме нашата економска филозофија веќе кога ја составивме владата дека ќе се базира на три работи. Реализација на капитални проекти, повисок животен стандард и привлекување на странски директни инвестиции и ребалансот оди директно во насока на почитување на овие три нешта коишто сега ги споменав“, рече Стојаноски.
Стојаноски додаде дека во изминатите седум квартали забележан е раст од 3%, потенцирајќи дека економските политики даваат резултати.

„Ако ја видите вие нашата економска филозофија во изминатите седум квартали и растот од 3% како и она кое што го кажува ММФ укажува дека нашата економска филозофија е успешна и токму затоа ние сакаме дополнително да го зголемиме бустот кон градежништвото и кон личната и приватната потрошувачка, како и поддршката кон стопанството бидејќи ако ги видите бројките во Државниот завод за статистика ќе видите дека овие контрибутори се главни и се драјвер на нашиот економски раст“, заврши Стојаноски.
