Уставниот суд на Македонија и Уставниот суд на Република Србија потпишаа Меморандум за разбирање и билатерална соработка, со што по речиси 15 години се обновува институционалната соработка меѓу двете највисоки уставно-судски институции, соопштија од Уставниот суд.
Меморандумот бил потпишан во рамки на билатералната посета на делегација на македонскиот Уставен суд во Белград, предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски, која на 9 и 10 јули престојува во Уставниот суд на Република Србија.
Претседателот на Уставниот суд на Македонија, Костадиновски, се заблагодарил за гостопримството и, меѓу другото, истакнал дека уставните судови имаат исклучително важна улога, бидејќи нема ништо повредно од заштитата на човековите права и слободи.

– Ваквите средби се можност да ги размениме нашите драгоцени искуства и да разговараме за бројни теми што можат да бидат од корист за двата суда – рече претседателот Костадиновски, запознавајќи ги учесниците на средбата и со надлежностите на Уставниот суд на Македонија.
Во своето воведно обраќање, претседателот на Уставниот суд на Република Србија, Петров, меѓу другото, ја истакнал неопходноста двете соседни држави, поврзани со историја и култура, институционално и редовно да соработуваат во областа која, покрај економијата, е најважна за животот на граѓаните – владеењето на правото.
– Ќе се согласите дека нашите две институции се во одредена мера поодговорни од која било политичка институција или поединечен политичар за јакнењето и унапредувањето на владеењето на правото не само фундаментално, туку и животно начело на современата уставна демократија, рече претседателот Петров.
Како што нагласи, владеењето на правото се остварува и преку градење и зајакнување на довербата на граѓаните во уставните судови и другите правосудни институции и мора да се темели на внимателен баланс меѓу правото и политиката, кој не е можен без посредување, односно модерирање од страна на правната наука.

Од Уставниот суд информираат дека по потпишувањето на документот, претседателите на двата суда, учествувале на стручен разговор на тема „Извршување на одлуките на Уставниот суд“, заедно со членовите на двете делегации.
– Во рамки на стручниот разговор, судијката на Уставниот суд на Македонија, Ана Павловска-Данева, презентираше аспекти од извршувањето на одлуките на Уставниот суд, при што се осврна на механизмите за нивна примена и на сличностите и разликите меѓу правните системи на Македонија и Србија. Од српска страна, судијката Наташа Плавшиќ нагласи дека целосното и навремено извршување на одлуките е суштински услов за ефикасна заштита на уставноста и човековите права – стои во соопштението.
Дополнуваат дека дел од програмата била и презентација за процесот на дигитална трансформација на Уставниот суд на Србија и воведувањето на електронскиот поднесок.
Меморандумот предвидува продлабочување на соработката преку заеднички стратегии и програми, организирање обуки, размена на експерти, истражувања, научни конференции и студиски посети, како и меѓусебна поддршка во унапредувањето на независноста на уставното судство и владеењето на правото.
Од Уставниот суд на Македонија оценуваат дека документот претставува значаен чекор во натамошното институционално поврзување на двете институции и создава основа за поинтензивна размена на знаења, искуства и добри практики во областа на уставното судство.
