Пехчево е подготвено да ги пречека посетителите на годинашното издание на Фестивалот на дувачки оркестри – Пехчево 2026, кој ќе се одржи на денеска и утре на градскиот плоштад „Св. Петар и Павле“. Во пресрет на фестивалот, привршија сите организациски и технички подготовки, со цел посетителите да уживаат во уште едно беспрекорно фестивалско издание.
-Во изминатите денови интензивно се работеше на уредување на фестивалскиот простор, поставување на сцената, озвучувањето, осветлувањето, штандовите и останатата неопходна инфраструктура. Посебно внимание е посветено на безбедноста и организацијата, за сите посетители да имаат пријатно и незаборавно фестивалско искуство, истакнаа од Општина Пехчево
Годинашната музичка програма, како што додадоа од Општината, носи атрактивни имиња од регионалната естрада.

-Во петок вечер, фестивалската публика ќе има можност да ужива во настапот на српскиот пејач Драган Којиќ – Кеба, кој со своите безвременски хитови ќе ја отвори главната вечерна програма. Во сабота вечер, на големата фестивалска сцена ќе настапи Теодора Џехверовиќ, која ќе ја заокружи музичката програма со динамичен концерт и современ сценски настап, информираа од Општина Пехчево
Покрај концертите на главните музички ѕвезди, посетителите ќе можат да уживаат и во настапите на дувачки оркестри, богата фестивалска атмосфера и традиционалното гостопримство по кое е препознатливо Пехчево.
