Политичките партии од опозицијата излегоа со радикализирани позиции, вели премиерот Христијан Мицкоски, анализирајќи ги вчерашните преговори во Собранието, на кои координаторите на пратеничките групи дискутираа за промените во изборниот законик и затоа тој не е е оптимист дека ќе биде постигнат договор.
Премиерот посочи дека предлогот на опозицијата во ДИК одлуките да се носат со консензус е непифатлив за власта, додавајќи дека се плаши дека ова радикално барање е ставено на маса за да на крајот не биде постигнат договор. Инаку тој е волјен на барањата на СДСМ и на Левица коишто се однесуваат на финансирање и една изборна единица да одговори позитивно, секако доколку од нивна страна биде прифатен предлогот за гласање на дијаспората во поголем обем.
„Нашиот став е јасен. Сакаат повеќе пари? Добро, еве нека има помалку за нас и со тоа сме сложни. Сложни сме и да имаме една изборна единица. Сложни сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на коалициските партнери, немаме никаков проблем. Нормално никој не одлучува со консензус туку со мнозинство, затоа е демократија“, изјави Мицкоски.

Мицкоски се плаши дека ова ќе ја забави реформската агенда на владата и наместо 10 од 10, тие на ЕУ ќе ѝ испорачат 9 од 10 реформски закони. Ваквиот епилог е во период кога сигналите од Брисел се дека Македонија солидно ги спроведува реформите.
Тој најави дека ќе следуваат нови преговори во Собранието, но лично не верува дека е можно да се дојде до компромис.
„Ќе продолжат преговорите од понеделник но по вчерашниот состанок сум многу помалку оптимист“, посочи премиерот.
Од СДСМ истакнаа дека партијата е за нов Изборен законик, но не таков што ќе овозможи, како што наведуваат, кражба на изборите по мерка на Мицкоски. Оттаму велат дека сакаат дијаспората да гласа, како што гласаше и досега – само не Мицкоски да гласа од белата палата наместо дијаспората, се вели во соопштението на најголемата опозициска партија.
