Да се зголеми пристапноста за лицата со попреченост и нивна поголема инклузија, побараа денеска од здружението „И јас сум“. „Може ли градот да биде дом за сите“, беше насловен онлајн – настанот што го реализираше ова Здружение за поддршка и развој. На средбата беше претставен извештајот за состојбата со пристапноста за лицата со попреченост, во општините Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Градско. Беа опфатени проблемите со непристапните улици и институции, со препораки за надминување на бариерите и зголемување на свеста за проблемите на лицата со попреченост.
– Нашето здружение „И јас сум“ има за цел да биде потсетник дека сите сме едно. Единствен начин како можеме да создадеме колективно свесни заедници е тогаш кога ќе почнеме да се грижиме еден за друг – рече Симон Андов, претседател на здружението.
Активностите се реализираат во рамките на проектот „Инклузијас“, мапирана е пристапноста до институциите и ставена на веб-страницата на здружението, така што сите лица со попреченост имаат увид во состојбите на терен.

– Нашето здружение подготви извештај со утврдување на реалната состојба, но и со препораки до сите верификувани институции за тоа кои се приоритетите и на кој начин може да ја подобрат самата состојба. Освен препораките и приоритетите коишто беа прикажани од наша страна, беа доставени и стандарди по коишто може да се подобри пристапноста на јавните институции во однос на ова прашање – истакна Љубица Стојановска.
На средбата беше кажано дека состојбите на терен се неповолни, но, радувал фактот што веќе имало институции што веднаш изразиле спремност за надминување на проблемите.
Дарко Видони е лице со попреченост и тој бил задолжен за мониторинг на терен, па на средбата се осврна на сите проблеми и бариери со кои постојано се соочуваат.
– Овој мал проект за заштита на лицата со попреченост почна во 2018 година, а сега е поддржан од Институтот за истражување и општествен развој „РЕСИС“, со поддршка од Европска Унија, со коишто заеднички сме во обид да ја поткренеме свеста за лицата со попреченост во Вардарскиот регион – рече Андов.
Линк до платформата за пристапност: https://ijassum.org/inkluzijas/
