Во раните утрински часови, магла и отежнато извидување во реонот на Куманово, започнала една од најзначајните битки во Првата балканска војна. Во борбите, покрај редовните воени единици, за завојуваните страни учествувале и македонски доброволци и четнички одреди составени од локално население.

-Четите во Македонија дејствувале на фронтот на Првата армија во реоните на североисточна Македонија, помеѓу Скопска Црна Гора-Куманово, Крива Паланка, т.н. Козјачки терен. Овде дејствувал одредот на Воин Поповиќ Вук, кој ги прочистил скоро сите турски села меѓу Куманово и Крива Паланка, собирајќи го оружјето од населението. Учествувал и во позната Кумановска битка, во која одредот претрпел значителни загуби. Тогаш загинал и војводата Доксим Михајловиќ, роден во Галичник. Одредот од Страцин и Нагоричане успеал да ги активира и вооружи селаните од околните села и со околу 700 селани водел успешни бори против Турците кај месноста Стревица.

Кај месноста Старец одредот, послужил како дивизиска врска помеѓу Дринската и Дунавската дивизија. Одредот на Вук, го продолжил гонењето на помалите турски групи-се наведува во „Македонија во времето на Балканските и Првата Светска Војна 1912-1918 година) од д-р Петар Стојанов.

Стревице – височинка во Младо Нагоричане, натопена со крв на војниците
Од Куманово до Стревице, сместено во атарот на село Младо Нагоричане (општина Старо Нагоричане) со автомобил се пристига за околу триесетина минути. Местото сега е приватна сопственост. Оддалечено е од Зебрњак околу десетина километри. Слаѓан Стојановски, сточар од Младо Нагориачане кој живее во близина рече дека неговиот дедо му раскажувал дека токму тука се водела жестока битка.

-Местото го нарекуваме „српски гробишта“. Овде се водела борба против Турците. Земјата била преплавена со крв. Војниците користеле бајонети, мечеви, секири. Земјата, како што ни раскажувале старите, била црвена. И во оваа битка учествувале луѓе од нашите блиски села, наши жители од Нагоричане. Така ми раскажуваше дедо ми-вели Стојановски.

На местото нема обележје, никаков споменик.
– Како што ми имаат раскажувано, така ви пренесувам. После битката телата на мртвите биле собрани и однесени некаде, веројатно во блиските цркви – вели педесет и тригодишниот жител на Младо Нагоричане.
Височинката е стратешка, се гледаат повеќе маала во Младо Нагоричане, како и споменикот Зебрњак. Природата е питома. Нема обележја, споменици, натписи, гробови што ќе покажат дека тука некогаш се водела исклучително насилна битка пред 114 години.

Додека главните воени формации се обидувале да ги задржат или да ги пробијат противничките позиции, на потегот кај Стревица, во близина на Младо Нагоричане, се одвивала борба што во дел од историските прегледи се поврзува со учеството на околу 2.000 македонски доброволци. Според овие записи, тие од утринските до попладневните часови се бореле против османлиските сили.

Нивната улога, како што е забележана во македонските историски прегледи, била значајна за одбраната на тој дел од фронтот. Доброволците ги задржувале позициите до пристигнувањето на засилувањето за српската војска. Во борбите имало големи загуби, но, според истите извори, тие не се повлекувале од своите положби.

Во некои извори пишува: Поробените народи на Балканот со своите вооружени акции во рамките на сојузничката војна против Турција значајно придонеле во победата на сојузниците.
Критичниот дел на фронтот
Кумановската битка се водела на 23 и 24 октомври 1912 година, во поширокиот реон на Младо Нагоричане и Зебрњак. Таа била првиот голем судир меѓу завојуваните страни во Првата балканска војна.

Воените планови на командата предвидувале главниот судир да се случи во реонот на Овче Поле. Меѓутоа, османлиските сили настапиле кон позициите кај Куманово, со што започнала битка во услови на недоволно разјаснета ситуација на теренот.

Според историскиот преглед на левото крило на Првата армија, кај Стревица, се наоѓал четнички одред под команда на Воин Поповиќ – Вук, составен главно од македонско население. На другите делови од фронтот биле распоредени редовни воени единици, додека во вториот ешалон се наоѓале формации што можеле да бидат ангажирани како засилување.
Во услови на утринска магла и отежнато извидување, развојот на битката не се одвивал според првичните очекувања на воените команданти. Османлиските единици напредувале кон позициите на српската војска, а борбите на левото крило добиле особена тежина.

Во Битката кај Куманово на 23 октомври 1912 година 2.000 македонски доброволци, собрани од месното население, од утринските до попладневните часови сами се бореле против турската војска на фронтот кај местото Стревице близу Младо Нагоричане. Така, го спречиле опколувањето на српската војска на која потоа ѝ пристигнало засилување. Во таа борба меѓу Македонците загинале или биле ранети шест војводи и 200 доброволци, но позициите не ги напуштале. Историските податоци покажуваат дека битката била интензивна. По дводневната борба кај Куманово османлиската армија предводена од Фети паша била разбиена и принудена да се повлече.
-За време на оваа битка од голема помош биле и речиси 6.000 македонски четници кои од зад грб ја нападнале османлиската војска која се дала во панично бегство оставајќи им го оружјето на македонските четници, а тоа придонело војниците да премине во противофанзива – наведува Стојанов.

Во историските записи стои дека борбите продолжиле кон Зебрњак, со што бил пробиен фронтот на турската Вардарска Армија. Дивизиите почнале да се повлекуваат, битката била завршена кај Зебрњак, но тоа командата не го знаела и претпоставувала дека главната битка ќе се води кај Овче Поле. Силите напредувале кон Скопје. Зеки паша ги прекинал натамошните напади и наредил да се премине од реката Пчиња, да се изведе напад преку Сртевица
– Ноќта на 23-24 октомври двете страни останале на позициите близу едни до други, водејќи жестоки борби и претрпеле удари во правец на село Ваксинце-село Слупчане, подоцна и по долината на Којнарска река (Кумановско) – се наведува во историските податоци. Нападите продолжиле, Зеки паша имал чувство дека добро напредува и ги продолжил нападите на 24 октомври.
Околу 2.000 доброволци и часови борба
Во историскиот прегледи се наведува дека на 23 октомври околу 2.000 македонски доброволци, собрани од месното население, се бореле против османлиската војска кај Стревице. Борбите траеле од утринските до попладневните часови. Нивната задача била да ги задржат позициите и да го спречат продорот на османлиските сили. Во изворот се наведува дека со тоа било спречено опколувањето на српската војска, на која подоцна ѝ пристигнало засилување. За размерите на борбите сведочи и податокот за загубите меѓу доброволците. Според истиот историски преглед, шест војводи и околу 200 доброволци биле убиени или ранети. И покрај загубите, тие продолжиле да ги бранат позициите.

Различните историски записи нудат дополнителен контекст за составот на одредот на Воин Поповиќ – Вук. Во написот посветен на 105-годишнината од Кумановската битка, објавен во 2017 година, се наведува дека доброволечкиот одред броел околу 2.000 луѓе, од кои приближно половина се бореле на Стревица. Дополнителна слика за борбите според пренесеното сведоштво, Вук ги следел случувањата на фронтот, им се обраќал на борците и ги поттикнувал да продолжат со борбата. Описот е личен спомен на учесник кој ја доловува атмосферата и командувањето во одредот
Зебрњак е локација која е стратешки позиционира, целосно се гледа Куманово, Скопска Црна Гора и дел од Овчеполие. Тука се водела стратешка битка за време на првата балканска војна. Споменикот е изграден во 1937 година на 25-годишнината од победата во Кумановската битка.

Имал облик на кула со висина од 48,5 метри и тогаш бил највискиот споменик на просторот на поранешно Кралство Југославија, но и на Балканот. Таму биле положени посмртни останки на 400 војници. Монументалниот споменик на ридот Зебрњак кај Куманово бил срушен на самиот почеток на Втората светска војна од страна на бугарскиот окупатор.

Буквално од Зебрњак се пружа глетка на цело Кумановско поле од 360 степени.
Жртвите и исходот од Кумановската битка
Кумановската битка завршила со повлекување на османлиските сили. Војската потоа влегла во Куманово, а во наредниот период продолжила кон Скопје. Во однос на македонските доброволци, податокот за шест војводи и околу 200 загинати или ранети борци се однесува на нивните загуби во борбите кај Стревица, како што се пренесува во дел од македонските историски прегледи. Кумановската битка останува еден од пресвртните настани во воената историја на регионот. Но, нејзината реконструкција не треба да се сведе само на движењето на редовните армии и на конечниот исход.

Учеството на Македонците во Кумановската битка треба да се разгледува во поширокиот контекст на Првата балканска војна. Воените формации на балканските држави ангажирале доброволци и четнички одреди од различни средини, а во Македонија дејствувале и локални вооружени групи.

Учеството на македонските доброволци кај Стревица е несомнено за што говорат и дел од историските податоци и усните преданија, како во семејството Стојановски.

