Во насока на заштита на животната средина и развој на одржливите практики за управување со отпад, Општина Илинден, во соработка со Центарот за климатски промени и ЈКП Илинден, започна со воспоставување систем за примарна селекција на пластичен отпад.
Како што соопштуваат од локалната самоуправа, во рамки на првата фаза од иницијативата, во населеното место Јака биле бесплатно распределени корпи за селекција на пластичен отпад во 60 домаќинства, со што граѓаните добија можност активно да се вклучат во процесот на селекција и рециклирање на отпадот.
– Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека воспоставувањето на овој систем претставува значаен чекор кон намалување на отпадот, зачувување на животната средина и создавање почисти и поуредени населени места. Како и дека со воведувањето на примарна селекција, се намалуваат количините отпад што завршуваат на депониите, се придонесува кон зачувување на природните ресурси и развојот на циркуларна економија – стои во соопштението од Општина Илинден.

Оттаму дополнуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со активности во оваа насока, со цел да бидат опфатени што поголем број домаќинства и заеднички со граѓаните да се придонесе кон поздрава и почиста животна средина.
