Претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски, на 24.06.2026 година гостуваше на една од националните телевизии. Костадиновски даде одговор за актуелни прашања и предизвици поврзани со работењето на Судот, говореше за иницијативата за усогласување на платите на уставните судии, предметите што се водат пред Судот, како и за критиките упатени кон институцијата, се наведува во соопштението од Уставниот суд.
Во однос на укинувањето на Законот со кој беа намалени коефициентите за пресметка на платите на уставните судии и барањето до Собранието за законски измени со кои би се усогласиле коефициентите за пресметка на платите на уставните судии, Костадиновски истакна дека станува збор за правно и уставно оправдана одлука со цел да се заштити статусот на судиите, а не да се зголемат платите во прв план, како што се толкува во јавноста.
„Нас како уставни судии ни е јасно дека голем дел од нашите одлуки што ги носиме се непопуларни одлуки, и ние сме свесни за тоа. Една таква одлука е и оваа одлука, но луѓето што го разбираат правото и што ги следеле нашите одлуки на оваа одлука можат да гледаат како природен след, како правно логична и уставно-правна оправдана одлука и ќе ви објаснам зашто. На почетокот на годината Уставниот суд донесе одлука со која на судиите од редовното судство на некој начин со ефектот на нашата одлука им ги зголеми платите за отприлика околу 10 000 денари од 10 000 до 12 000 денари зависи за кој суд е. Ефектот на таа одлука не беше толку да се зголемат платите на судиите туку Владата и Собранието во иднина да не можат веќе да ги намалуваат коефициентите на редовните судови. Кога ние тогаш ја донесовме таа одлука а Уставниот суд е исто така суд по сите критериуми, точно е дека е специфичен суд sui generis, посебен суд, специфичен орган на Републиката но на крајот на денот е суд. И според Венецијанското мислење, според Венецијанската комисија и ние ги уживаме истите гаранции како редовното судство за независност односно финансиската независност која е нераскинливо поврзана со статусната независност како судии. Ако е тоа така, а така е, природно беше да интервенираме во Законот, но повторно ќе кажам не на начин директно за коефициентите туку статусно да се одвоиме од носителите на јавни функции од другите власти. Со последните законски решенија во Законот за избрани и именувани функционери, претседателот на Уставниот суд и уставните судии беа ставени во ист нормативен режим со Генерален секретар на Собрание, Генерален секретар на Влада, Народен правобранител. Не постои такво нешто никаде во светот, не може нормативно Законодавецот да го изедначува статусот на уставен судија со ниедна од овие власти.“

На прашањето дали Судот може на ваков начин да постапува кон пратениците, Костадиновски одговори:
„Не, не можеме апсолутно. Ние утврдивме неуставност во статусната положба на судиите затоа што, ако замислете на уставен судија го изедначувате со Генерален секретар на Собрание и на Влада и ист коефициент на плати да му одредувате, зар тоа не преставува негирање уставна положба, апсолутно претставува такво нешто и било кој уставен суд во светот ќе ви го потврди тоа. Ние донесовме одлука исто така на почетокот на годината и побаравме, му одредивме рок на Собранието да интервенира, Собранието не интервенираше. Оваа одлука што ја донесовме на последната седница е логична одлука. За да спречиме апсурд… следната година, бидејќи платите на редовните судии не можат веќе да бидат намалувани а просечната плата ќе расте, знаете каква е формулата за пресметување, за година до две, плата на основен судија ќе биде поголема од плата на уставен судија. Ако најде било кој во оваа држава сличен пример било каде во светот јас сум спремен веднаш да заминам од Уставниот суд.“
Во однос на предметот за преименувањето на улици и други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, Костадиновски рече дека иницијативата не е поднесена пред 19 години, туку минатата година и нагласи дека предметот отвора суштинско прашање за владеењето на правото.
„Она што сакам граѓаните да го знаат бидејќи, со многу наши одлуки политичарите многу често манипулираат и лажат. И тоа безобзирно ги лажат граѓаните. Оваа одлука како и многу други одлуки што Уставниот суд ги има донесено кои се од повисоко општествено значење, т.н „балансер”, Законот за солидарен данок, Кривичниот законик, Изборниот законик…отвара едно круцијално прашање. Каква држава ние сакаме да изградиме, дали сакаме модерна, европска, функционална, правна држава да градиме или да останеме во она како што било со децении „квази” правна држава. Што е „квази” правна држава? Toa e држава кога е политиката e над се, политиката е над Уставот, политичарите се над институциите, политичарите одлучуваат за правата на граѓаните, моќта е во политичарите. Ние сакаме да живееме, односно јас како pретседател на Уставниот суд сме за отпор против тие тенденции. „Црн ден за Албанците”, сме ги рушеле постулатите на рамковниот договор… Ако Уставниот суд низ етничка призма дозволеше ваква одлука која почисто правна и не може да биде… дали имате согласност од Владата? -Немате, готово!
Замислете ние да прогледавме низ прсти тогаш ние ќе имавме 80 држави во државава, 80 општини што ќе речат чекајте вие сте воспоставиле уставно судска пракса тогаш и ние можеме, не треба согласност ни за ДУП, не треба согласност ни за преименување…. тоа е правна анархија.“
Во врска со обвинувањата дека е антиалбански настроен, Костадиновски рече:
„Јас веќе сум имун на овие критики… јас можам да бидам сe’ само не „анти-албанец”. Значи се тоа што на некои политичари им смета владеењето на правото, а устите им се полни со владеење на правото, европски вредности, со европски стандарди и тоа до пладне, а попладне тераат на „балкански” начин. Тоа е нивни проблем.
Ние 35 години се вртиме во кругот на таа „квази” правна држава… Уставот, правото и институциите ќе бидат над сите.“
Во однос на предметот поврзан со проектот „Сејф сити“, претседателот на Судот рече:
„Се уште не е доставен рефератот за тој предмет до мене, во моментот кога ќе биде доставен веднаш ќе се најде на седница.“
За иницијативата поднесена од поранешната пратеничка Љиљана Поповска во врска со Вториот протокол од преговарачката рамка со Бугарија, Костадиновски нагласи дека Судот не калкулира.
„Нити калкулира, ниту ќе калкулира. Јавноста знае дека јас не правам компромиси со никого по ниеден предмет па ни по овој. Што е суштината, наводите во таа иницијатива се исклучително сериозни, импликациите од решавањето на тој предмет како и да биде решен се многу сериозни. За ние да можеме да ја утврдиме фактичката состојба што навистина се случува затоа што таму има наводи за повреда и на материјалната уставност, но и формален дека не е запазена процедурата, немало платформа од Владата, ние се уште го чекаме одговорот од Владата. Бидејќи Владата ни е странка во оваа постапка, ние мораме да добиеме информација од Владата.“
Во врска со Законот за употреба на јазиците, Костадиновски повтори дека предметот ќе биде решен кога Судот ќе биде комплетен.
„Jас имам кажано нема компромиси ни со никого во поглед на решавањето. Тој предмет ќе биде решен му се допаѓало тоа на некого или не зашто ќе биде решен и никој не треба да се плаши од решавањето на тој предмет.многу често ги слушаме критиките на Уставниот суд за етничко надгласување ,за мајоризација,има застапници за Бадентер во Уставниот суд и затоа имам став го имам кажано .Ние таму без разлика на етничката нити албанските судии нити ,нити македонските судии не сме таму да ги штитиме етничките афилиации имаме една едноставна задача…За жал и покрај сите обвинувања значи најчесто албанскиот политички фактор ги обвинува мнозинството македонски судии дека сме правеле мајоризација… Јас често прашувам дајте луѓе да видиме да седнеме што ги прави правни и уставно-правни аргументи на нашите колеги, а што нашите ги прави етнички. Не е точно,обратно е!“, потенцираше Костадиновски.
На крајот, коментирајќи ги наводите за неговите идни професионални планови по завршувањето на мандатот, Костадиновски рече:
„Нема да го коментирам примитивниот политички наратив, не заслужува мој коментар и тоа го сметам за прашање за самопочит. Но ќе кажам дека во изминатив 30 години во мене е акумулирано многу знаење и искуство и професионалност, но научниот придонес ми е прилично значаен. Да сме ние нормална држава прашањето за мојата лична кариера по завршувањето на мандатот нема да се политизира, нема да и се даваат политички квалификации. Но, за жал не сме. Морам да кажам дека сум малце изненаден и разочаран и во дел од високото образование гледам слични тенденции како и во политиката на затвореност, на страв од конкуренција, страв од голема биографија, една комфорност“, кажа Костадиновски.
