Одговорност за труењето во Гостивар мора да има, вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави кривична одговорност за сите надлежни кои дозволиле да дојде до ваков скандал. Премиерот информираше дека истрагата за случајот што предизвика сериозна здравствена криза во градот влегува во клучна фаза. Анализите се завршени, а сега Обвинителството треба да покаже кој ќе одговара за скандалот. Според Мицкоски, Владата направила сѐ што е во нејзина моќ за да им се олесни животот на гостиварчани во овие тешки денови, иако тоа требало да го направи локалната власт.
„Во суштина, сѐ ова што го правиме е дел од локалната самоуправа, но кога имате таму летаргија, тогаш морате како Влада да реагирате и да ги преземате вие тие потези во овие два дена што ги преземавме. Инаку, за морална одговорност, апсолутно таму од прв до последен треба да понесат одговорност, покрај тоа што претпоставувам Обвинителството ќе се занима со друга одговорност. Очекувам дека од градоначалникот па надолу сите треба да понесат одредена морална одговорност“, изјави Христијан Мицкоски претседателот на Владата.
Во меѓувреме, по прогласената епидемија во Гостивар, Владата продолжува да испраќа шлепери со вода за пиење.

„Истовремено, како Влада, во текот на вчерашниот ден преземавме чекор да обезбедиме 50.000 литри флаширана вода за пиење за гостиварчани. И тоа така ќе биде секој ден. Вчерашните количини утрово се поделени, а денеска очекуваме нови три шлепери кои ќе бидат повеќе од 20.000 литри по шлепер, некаде околу 60.000 литри, кои очекуваме во текот на денот исто така да бидат дистрибуирани“, изјави Христијан Мицкоски претседателот на Владата..
Инаку, од вчера е прогласена епидемија во Гостивар, откако на 1 јули водата беше забранета за пиење и друга употреба.
