Министерството за здравство тврди дека во моментов сите хируршки сали во Клиничкиот центар се во целосна функција. Оттаму апелираат дека сите информации поврзани со функционирањето на здравствениот систем претходно треба да бидат проверени, со цел да се избегне создавање непотребна загриженост кај граѓаните.
-Од клиниките за торакална хирургија, кардиохирургија, урологија, детска хирургија, пластична хирургија, дигестивна хирургија и ОРЛ информираат дека непречено ги третираат сите пациенти, вклучително и пациентите предвидени за елективни оперативни зафати. Во овие клиники нема одложување на оперативната програма. На Клиниката за ТОАРИЛУЦ во моментот се згрижуваат итните пациенти, согласно тековната организација на работата, се вели во соопштението од Министерство за здравство, кое е реакција на прес-конференција на СДСМ.
Според најновите информации, резервниот (back-up) систем за климатизација функционира непречено и обезбедува соодветни услови за работа и третман на пациентите во клиниките.

-Инаку, бројот на хируршки интервенции бележи намалување во летниот период, што е вообичаена појава и не е поврзана со состојбата на системот за климатизација, појаснуваат од Министерството за здравство.
