До крајот на оваа година нема да има казина и обложувалници во близина на основните и средните училишта. Ќе исчезнат и светлечките и агресивни реклами со кои досега луѓето се залажуваа да учествуваат во игрите на среќа. Со новите измени на законот кои беа изгласани вчера, ќе им се даде рок на приредувачите на игри на среќа да ги спроведат новите правила во рок од шест месеци. Оние кои нема да го почитуваат законот ќе се соочат со високи казни. Граѓаните во целост го поддржуваат новиот закон. Има и такви кои се сомневаат во неговата ефикасност и бараат уште поригорозни мерки.
„Го подржувам законот, требаше уште порано да се донесе. Сепак мислам дека се тоа треба да се укине.“– велат граѓаните.
Новиот закон предвидува сите коцкарници да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата. Значајни промени има и во рекламирањето. Се забрануваат агресивни реклами и билтени кои создаваат впечаток дека коцкањето дава пари и решенија за лични или пак социјални проблеми. Со новиот закон целта е да се тргне коцкањето од секојдневието особено кај младите и малолетниците. Од новиот закон нема да куртулат ниту оние кои приредуваат таканаречени „гивавеј“ наградни игри на интернет. Тие ќе мора да имааат посебна дозвола, а ќе плаќаат
и данок на државата. Лотариите и онлајн игрите на среќа ќе ги приредува исклучуво државна лотарија. Новитет е и поставувањето на ГПС системи на секој апарат за коцкање што ќе биде поврзан со УЈП, со цел да се спречи нивното нелегално поставување. Од 60 до 120 милиони денари од профитот на игрите на среќа и понатаму ќе одат за инвалидски организации, здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст. Од Владата очекуваат новите правила да придонесат за намалување на нелегалното приредување игри на среќа, подобра заштита на малолетниците, поефикасен инспекциски надзор и поголема усогласеност со европските и меѓународните стандарди.
