Новата претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, порача дека функцијата за неа не претставува привилегија, туку пред сè доверба и одговорност.
Во својата јавна објава по изборот, таа изрази благодарност до претседателот на партијата Христијан Мицкоски и до Извршниот комитет за укажаната доверба да ја предводи организацијата.
„Честа не е во функцијата. Честа е во довербата“, истакна Митева.

Таа нагласи дека лидерството не започнува со титула, туку со подготвеноста да се преземе одговорност и да се создаваат нови можности за другите.
Според Митева, Унијата на жени треба да биде повеќе од организација за мобилизација, односно простор каде ќе се препознаваат и охрабруваат нови лидери, ќе се развиваат идеи и ќе се градат знаење и самодоверба.
Таа посочи дека жените треба уште погласно да бидат присутни во процесите на креирање политики и носење одлуки, не поради привилегии, туку поради еднаквата можност да придонесуваат со своето знаење, интегритет и лидерство.
Митева истакна дека Унијата на жени не треба да се занимава само со т.н. „женски теми“, туку активно да учествува во креирањето политики за образованието, економијата, здравството, семејството, демографијата, локалниот развој и претприемништвото.
Таа најави дека ќе биде претседателка која ќе слуша, ќе обединува и ќе работи, со цел Унијата да добие уште посилна политичка, програмска и општествена улога.
„Најсилните организации не се градат околу една личност, туку околу луѓе кои меѓусебно си веруваат, се поддржуваат и оставаат простор секој следен да биде подобар од претходниот“, порача Митева.
„Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Да живее Македонија!“, нагласувајќи дека сака да изгради Унија која ќе биде препознатлива по работа, резултати и создавање нови лидери“, објави Митева.
