Директорот на НУ „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски ги пречека врвните уметници, сопранистката Ермонела Јахо од Албанија, тенорот Чарлс Кастроново од САД и диригентот Марко Боеми од Италија кои утревечер на Античкиот театар со гала-концертот „Љубов“ свечено ќе го отворат 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, информираат од Фестивалот.
Како знак на добредојде и почит, сопранистката Ермонела Јахо од директорот Цуцковски добила охридски бисер, додека на тенорот Чарлс Кастроново и диригентот Марко Боеми им биле врачени манжетни декорирани со охридски бисер – традиционални подароци што ја симболизираат културната и уметничката вредност на Охрид.

На средбата, директорот Цуцковски им се заблагодарил што токму тие ќе бидат дел од свеченото отворање на најзначајната македонска музичко-сценска манифестација. Тој истакна дека нивното учество претставува потврда за меѓународниот углед што фестивалот го гради повеќе од шест децении.

Цуцковски потенцирал дека „Охридско лето“ и оваа година продолжува да биде место каде што се среќаваат врвната уметност, традицијата и културниот дијалог, а свеченото отворање со уметници од светски ранг претставува достоен почеток на фестивалската програма.

Ермонела Јахо, Чарлс Кастроново и Марко Боеми се заблагодариле за топлиот прием и гостопримството, нагласувајќи дека за нив претставува особена чест што ќе настапат на отворањето на фестивал со богата традиција и реноме, какво што е „Охридско лето“. Тие изразиле задоволство што ќе настапат пред фестивалската публика на една од највпечатливите отворени сцени во Европа – Античкиот театар во Охрид.
Свеченото отворање ќе се одржи утревечер на Античкиот театар со почеток во 21 часот, кога публиката ќе има можност да ужива во гала-концертот „Љубов“, во изведба на солистите и Оркестарот на Националната опера и балет.
