Реклама
Македонија

Засилени контроли на институциите по откривањето на хорор во старечките домови „Арија“ и „Актив“

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе го испитува хоророт во старечките домови…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе го испитува хоророт во старечките домови “Арија” и “Актив” во Скопје.Овој инспекциски надзор треба да даде одговор каква здравствена нега добивале згрижените стари луѓе, какви лекови им биле давани, како се чувала храната која ја конзумирале, во какви хигиенски услови живееле и дали сите пациенти имале медицински досиеа.

За услугата во старечките домови која не била според пропишаните стандарди, од семејствата на корисниците се наплаќал значителен износ. Mесечните приходи на двата дома надминувале 36 илјади евра. Истрагата покажала дека домовите Арија и Актив од 2022 година до денес не ја вршеле дејноста во рамки на издадените дозволи како што налагале правилата од Министерството за труд. Од таму најавија засилени контроли и во останатите старечки домови.

Во наредниот период се најавуваат зачестени контроли, со цел заштита на интересите на старите лица и нивен достоинствен живот во сите Приватни старски домови на територија на цела држава– велат за Алфа од Министерството за труд и социјална политика.

Реклама

Случајот со суровото изживувањето врз старите луѓе беше откриен во заедничка акција на полицијата, обвинителството и инспекциски служби, кои открија  нечовечки и понижувачки третман на згрижените од страна на вработените во старечките домови. Двете сопственички се во притвор и ќе одговараат кривично.

Пријавата опишува како ги малтретирале старите луѓе – сместувале по двајца на единечен кревет, ги тепале, им давале храна со изминат рок и лекови на своја рака.

По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина.

Според податоците од Министерството за труд , во земјава има пет државни дома за стари лица (во Скопје, Куманово, Прилеп, Битола и Берово), со вкупен капацитет од 638 легла, додека во приватниот сектор активно функционираат вкупно 39 дома, со вкупен капацитет за сместување од 1.563 лица.