Неуставно донесен со неуставна содржина која не може да се примени во пракса. Ова се забелешките во 13-те претставки, како и во мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазиците.
Според уставните експерти – спорно е речиси се: не бил донесен со двотретинско мнозинство, не бил разгледан од релевантните собраниски тела, не бил потпишан од тогашниот претседател на Македонија, а спорна е и содржинта која ги дискримира другите немнозински заедници. Дополнително терминот „албански јазик“ во заграда е неуставен.
- „Во делот на содржината на законот ВК забележува нејасност и непрецизност што значи законската формулација каде експлицитно се споменува употребата на Албанскиот јазик, од една, и „употреба на јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“, од друга страна. Оваа констатирана важна непрецизност од страна на ВК е клучна за примената на законот, бидејќи со неа се влијае на остварувањето на фундаменталните права на сите јазични заедници во земјата. ВК смета дека треба да се преиспита и опсегот на примена на законот“ оценува Тања Каракамишева – универзитетски професор по уставно право.
Истите забелешки дојдоа и од Венецијанската комисија, тело со меѓународно признаени уставни експерти на Советот на Европа.

- „Законот за јазиците не ги исполнува барањата за законска јасност и прецизност. Законот не е прецизен кои негови одредби се однесуваат на употребата на албанскиот јазик, а кои одредби се однесуваат на употребата на другите јазици од етничките заедници“ се наведува во мислењето на Венецијанската комисија.
Законот има многу спорни и неприменливи одредби. Со него сите институции и сите документи на централно ниво станаа двојазични.
ЗАКОН ЗА ПРИМЕНА НА ЈАЗИЦИТЕ
Член 1 Став 3
Во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните.
Законот, засега само на хартија, предвидува судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривичните и прекршочни постапки, парничните и вонпарничните постапки, постапките за извршување на санкции, како и другите постапки да може да се водат и на Македонски и на Албански. Дополнително, и нотарите и извршителите треба да ги нудат сите услуги и документи и на двата јазици.
ЗАКОН ЗА ПРИМЕНА НА ЈАЗИЦИТЕ
Член 2 Став 2
Судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции се обврзани да овозможат користење, употреба и примена на било кој од службените јазици од членот 1 став (1) и (2) и нивните писма во тие и други постапки.
Со Законот се формираше и Агенција за примена на јазикот која има право да изрекува парични казни и глоби за негово непочитување.
ЗАКОН ЗА ПРИМЕНА НА ЈАЗИЦИТЕ
Член 22 Став 2 и 2
Глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра… ќе се изрече на органите… како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон.
Глоба во износ од 30% од одмерената глоба ќе му се изрече на службеното лице и одговорното лице…
Според уставните експерти постоењето на Агенцијата е спорно и неуставно односно дискриминаторско зашто таа постои само за Албанскиот јазик, а не и за јазиците на другите заедници. Одредбите се дискриминаториски и зашто предвидува во матичните книги, личните документи и во пасошите да се користат македонски и албански, но не и јазиците на другите заедници.
Законот за јазици кој во скратена постапка и со прекршување на процедурите беше донесен како коалициски дил меѓу СДСМ и ДУИ, меѓу другото предвидува и книжните и кованите пари, поштенските марки да содржат симболи што го претставуваат културното наследство на Албанците.
