Реклама
Прилози

Во УЈП се переле пари: 20 осомничени за криминал со даночни измани тежок речиси 5 милиони евра

Даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. 20…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. 20 лица осомничени за криминал тежок 4,8 милиони евра, на штета на буџетот на државата. Девет вработени во УЈП добија мерки на претпазливост, односно одземање пасош, обврска за повремено јавување во суд, забрана за комуникација со одредени лица и суспензија од работното место поврзано со кривичното дело.

Прво осомничен е српски државјанин, кој со сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеницви од УЈП Скопје, во текот на 2023-та година формирале група со цел вршење на кривичните дела. Во наредните две години, во период до 2025-та во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во фирми во Скопје и Гевгелија.

Под раководство на јавен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал, заедно со полицијата, вчера до доцните часови вршени биле претреси на 16 локации низ државата, при што пронајдени и времено одземени се фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица.

Реклама

-Акцијата е резултат на постапувања на Истражниот центар на ОЈО ГОКК и Управата за финансиско разузнавање, по известување на АНБ, при што беа обезбедени докази за основано сомнение за кривични дела од финансиска природа. Врз основа на ова ОЈО ГОКК отвори предмет и донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 20 лица кои го оштетиле буџетот на државата за 297.733.844 денари или 4,8 милиони евра, соопштија од ОЈО ГОКК.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал соопштуваат дека со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош на даночни службеници од УЈП, во периодот 2023-та – 2024-та година, првоосомничениот избегнал данок во износ од речиси 190 илјади евра.

-Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица со што е нанесена штета на буџетот во износ од 31.175.168 денари. Дополнително, дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари, соопштија од ОЈО ГОКК.

Вработените во Управата за јавни приходи се сомничат дека со злоупотреба на слубената положба нанеле значителна штета на буџетот на државата.

-Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот од најмалку 162.980.076 денари, соопштија ОЈО ГОКК.

Обвинителството бара притвор за 10 осомничени, од кои на двајца веќе се во Шутка за предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој. За останатите 10 бараат мерки за обезбедување присуство.

Матеја Петровски