Советничката гхрупа на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош алармира дека локалната власт предводена од градоначалникот Стевче Јакимовски продолжува да ги крши законите. Роберт Вељановски, советник од ВМРО ДПМНЕ во Општина Карпош предупредува дека одлука за времено финансирање на општината нема, иако буџетот бил усвоен на 9 јануари. Па оттука вели тој се наметнува прашањето, дали законот за финансирање на ЕЛС е прекршен и дали буџетот ќе важи ретрокативно?
Вељановски укажува дека на четвртото продолжение на 37-мата седница на Советот на Општина Карпош одржана на 4 јануари 2024 година беше „донесена“ Одлука за реализација на Буџетот на општина Карпош за 2024 година со што брутално биле погазени Законот за локална самоуправа, Статутот на општината и Деловникот за работа на Советот на Општина Карпош. Вчера, во доцните попладневни часови во Службениот гласник бр.1/2024 на општината беа објавени „одлуките“ донесени на оваа седница, со што се отвора патот за нивно спроведување и легитимирање пред останатите институции на државата.
„Предупредуваме дека овие „одлуки“ не се легитимни затоа што се донесени со прекршување на процедурите.
Последната пречка за вчитување и отпочнување со реализација на одлуката за Буџет на Општина Карпош за 2024 е Министерството за финансии на кое му посочуваме:
1. Советот на Општина Карпош до 31 декември не го изгласа Буџетот на општината и тој не беше донесен. Одлука на Советот на Општина Карпош за времено финансирање на општината нема. Бидејќи Одлуката за реализација на Буџет насилно е донесена на 4 јануари 2024, објавена на 9 јануари, а е со важност ретроактивно од 1 јануари 2024 година, дали и како, согласно закон, ќе бидат оправдани и покриени деновите од 1 до 9 јануари 2024?!
2. Дали Одлука за реализација на Буџет која е донесена на 4 јануари 2024, објавена на 9 јануари, а е со важност ретроактивно од 1 јануари 2024 година е легална и легитимна?
3. Дали потписник на Одлуката може да биде претседавач со Советот, наместо актуелниот, легитимно избран Претседател на Советот на Општина Карпош?
4. Дали со ова не е прекршен Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа?“
Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека за секоја незаконски донесена одлука за многу брзо време ќе има одговорност. Замижувањето пред флагрантното кршење на Законите во Република Македонија мора да престане.
„Ние, Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија нема да отстапиме пред насилничките методи и дејствија на Јакимовски, урбаната мафија и нивните приврзоци СДС и Левица и бараме доследно спроведување на позитивните законски прописи“, предупредува Вељановски.
