Пешачкиот мост „Гоце Делчев“ на реката Брегалница во Делчево е привремено затворен за употреба поради активности за санација, бојадисување и обновување на металната конструкција.
Како што информираат од Општина Делчево, по претходно извршената целосна обнова на заштитната ограда, започнати се и активности за заштита на металните површини, со цел спречување на корозија и понатамошни оштетувања, продолжување на векот на траење на конструкцијата и подобрување на безбедноста и изгледот на мостот.
Поради изведувањето на работите, пешаците нема да можат да го користат мостот до завршувањето на активностите. Од Општината апелираат граѓаните да ја почитуваат забраната и да користат алтернативни премини за да се избегнат можни ризици и да се овозможи непречено изведување на работите.
Активностите ги реализира друштвото за монтажа и услуги „АУТОМАТА ПЛУС“ ДООЕЛ увоз-извоз Битола, согласно договорот за одржување на металната конструкција, склучен со Општина Делчево, во вредност од 320.250 денари.
Оваа интервенција следува по санацијата и целосната замена на оштетените делови од заштитната ограда, која во изминатиот период била изложена на вандализам и несовесно постапување.
Од Општина Делчево упатуваат апел до граѓаните за одговорно однесување кон јавната инфраструктура и зачувување на заедничките добра.

