Министерството за дигитална трансформација (МДТ) соопшти дека веб-страниците на Владата и министерствата беа навремено заштитени со преземање превентивни и технички мерки, по објавувањето на информациите за критичните безбедносни ранливости во програмскиот јазик PHP, кои предизвикаа привремено исклучување на бројни владини веб-страници низ Европа и светот.
-Во рамки на превентивните активности, привремено беше блокиран надворешниот веб-сообраќај кон засегнатите системи, со цел да се спречи евентуално искористување на ранливостите. Потоа беа спроведени проверки на софтверските верзии, применети соодветни безбедносни закрпи и ажурирања и проверени функционалноста и безбедноста на веб-сервисите, наведува Министерството.
Преземените мерки се насочени кон намалување на ризикот од неовластен пристап, извршување злонамерен код и потенцијално компромитирање на веб-серверите.
Според досегашните проверки, не се утврдени индикации за успешно искористување на наведените ранливости или за компромитирање на веб-страниците на Владата и министерствата.
-Министерството за дигитална трансформација, преку Секторот за сајбер-безбедност и владиниот тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти (МКД-ГОВ-ЦСИРТ), продолжува со засилено и континуирано следење на сајбер-заканите, анализа на безбедносните настани и лог-записите, како и проверка на потенцијалните индикатори за компромитирање. Заштитата на владината дигитална инфраструктура останува приоритет на Министерството. Преку навремено откривање и отстранување на ранливостите и примена на соодветни безбедносни ажурирања, Министерството продолжува да ја зајакнува безбедноста на системите и да обезбедува сигурно и стабилно функционирање на електронските услуги за граѓаните и компаниите, велат од МДТ.

