Почнува да се расветлува пожарот во депонијата Вардариште кој го задуши Скопје. Тројца обвинети признаа вина за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад. Мајсут Мемиши, Алмир Асани и Флорим Арифи, во среда ќе ја добијат пресудата, бидејќи во периодот од 2020-та, заклучно со втори септември годинава, противзаконски вршеле откуп на старо железо, стари акумулатори и други обоени метали, кои ги оставале во импровизирани објекти и пунктови, со што довеле до настанување на диви депонии. Дополнително тие не поседувале никакава лиценца за врешење на оваа дејност.
-Вршеле дејност откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани објекти, импровизирани пунктови/отпади, без означена фирма, иако знаеле и биле свесни дека не поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад, согласно член 64 од Законот за управување со отпад и за таа намена немаат основано правно лице. Со вака преземените дејствија, обвинетите го сториле кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад, се вели во предлогот на Обвинителството.
Обвинетите кои во моментов издржуваат притвор во Шутка побараа да добијат условни казни, односно да не одат во затвор . Се каеле за она што го сториле во текот на минативе пет години.

-Јас се каам за ова што го сторив и ветувам дека нема да се повтори и се надевам дека ќе се вработам, ќе обезбедам егзистенција за моето семејство, кажа пред Мајсут Мемиши.
-Се каам за стореното дело, нема да се повтори повеќе. Го молам судот да го има во предвид моето семејство, дека имам три малолетни деца, сум се трудел чесно да заработувам за нив, Алмир Асани.
-Се каам за она што сум го сторил и нема повеќе да ми се повтори, кажа Флорим Арифи пред Судот.
Флорим Арифи бил подготвен да го исчисти неговиот дел од депонијата, надевајќи се дека тоа ќе биде олеснителна околност во овој случај, но немало одговор од надлежните. Неговиот адвокат Костадин Веселиновски, вели дека дополнителна олеснителна околност за сите обвинети е што во обвинието не стои дека горел тоа што тие го фрлиле.
-Да го исчистиме просторот кај што е складиран тој отпад од хаварисани возила, железо и други метали, но остана како прашање незавршено, што сметав дека ќе беше околност олеснувачка за поблаго казнување на обвинетиот, дека е свесен за сторенот, изјави Веселиновски.
Инаку на 9-ти јули на Вардариште беше предизвикан неконтролиран пожар, кој поради обемот и опасноста не можеше веднаш да биде ставен под контрола. Во обвинителниот акт поднесен пред 20-тина се вели дека при согорувањето на отпадниот материјал беа испуштени чад, пепел и штетни гасови во амбиенталниот воздух и беше предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето од поголеми размери. Според законот, за обвинетите е предивдена затворска казна од минимум три месеци до три години.
Матеја Петровски
