Шест пациенти хоспитализирани во странство се во многу критична состојба порадите тешките и сериозни повреди од пожарот во Кочани. Двајца се лекуваат во Љубљана и четворица во ВМА во Белград. Хоспитализирани се и шест нови пациенти – пет на Токсикологија и еден со комбинирани – респираторни проблеми и изгореници информираат здравствените власти.
Министерот Тараври смирува дека состојбата на останатите пациенти е релативно стабилна, но не ја исклучува можноста од можни непредвидливи компликации. Сите што се во домашните болници вкупно 54 пациенти засега се во задоволително добра состојба, вели министерот и најави дека од понеделник ќе има нови исписи на повредените.
„Добрата вест е дека ако реков првично дека се околу 20 во многу критична состојба, сега се 6 во многу критична состојба. Да се надеваме дека оваа бројка нема да се зголеми со нови лица, односно дека нема да дојде до компликации“– рече Таравари.

Здравствениот кризен штаб крои планови како и каде ќе се лекуваат пациентите по враќањето од странство. Дел од повредените ќе бидат на скопските клиники а полесните случаи во болниците од внатрешноста.
Борбата не е завршена, затоа што сега почнува ризикот од инфекции и допрва претстои можно влошување на состојбата, алармира директорот на Фондот, Сашо Клековски.
А во однос на информацииите во јавноста дека пациентите кои се лекуваат во странство се изложени на трошоци тој демантираше, уверувајќи дека болничкото лекување надвор од држвата на сите повредени пациенти е целосно бесплатно.
“Болничкото лекување во странство е гарантирано бесплатно и сто отсто на сметка на државата во која е хоспитализиран пациентот и дека се што се појавува во јавноста во врска со некакви трошоци за лекувањето е дезинформација” – вели Сашо Клековски, директор на ФЗОМ.
Без задоволителни микробиолошки и токсиколошки анализи нема да биде испишан ниту еден пациент, тврдат здравствените власти.
На скопските клиники се хоспитлаизирани 27 пациенти, 11 во “8 септември”, 10-мина во Градска болница и во приватните клиники се 6 пациенти.
Ања Лукарова
