Влошена здравствена состојба на обвинетата лекарка Мери Пешевска го одложи почетокот на судењето за несоодветните терапии кои им се давале на онколошките пациенти. Нејзиниот бранител до судот достави медицинска документација дека поради стомачен вирус и температура не е во состоја да присуствува на рочиштетото.
Останатите тројца обвинети, ексдиректорот Нино Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски преку своите адвокати го спорат вештачењето од Словенија. Тврдат дека потпис на документите ставил вештак кој бил без лиценца.
- „Сега бараме податоци и од Србија, дали лицето кое ги работело вештачењата е вешто лице таму. Јавниот обвинител мораше да се придржува до македонските закони и да инсистира вештачењето да го изработи лице кое е на официјалната листа на судски вештаци. Обвинението содржи пропусти кои се од апсолутен карактер,“ рече Владимир Туфегџиќ – адвокат на Симонида Црвенкова.
За обвинителството ваквите тврдења на одбраната се безпредметни бидејќи меѓудржавната соработка според меѓународните договори се заснова на доверба дека вештачењата се обезбедени на законит начин.
- „Еден од принципите на меѓународното право е да имаме доверба во државите кон кои сме ја доставиле таа замолница дека доказите се прибавени на законит начин. Така што наводите на одбраната се беспредметни“, изјави Гоговска Јакимовска – обвинител.
Адвокатот на второобвинетата Пешевска, тврди дека обвинението било селективно, бидејќи ексдиректорот користел потписи и лого од сите лекари на Клиниката.
- „Поранешниот директор Никола Васев, не само што користел логови и печати од други лекари, туку и ставал свои печати на документи од други доктори. Нејасно е зошто од целата клиника се избрани само тројца лекари против кои е покренато обвинение. Очигледно е дека нивните печати и логови се злоупотребени“, посочи Јовица Страшевски – Адвокат на Мери Пешевска.
Според обвинителите, Васев како лекар, заедно со уште тројца онколози, на пациентите им давале погрешно дозирана терапија, а знаеле дека немаат никаква корист од неа и дополнително им го влошувале здравјето. Вештачењата од Словенија покажале дека ексдиректорот кај најмалку 29 пациент применил несоодветен третман на лекување со погрешно дозирање и отстапки од онколошките протоколи, а за тоа му помогала второобвинетата.
Други двајца доктори пак според обвинителството на пациенти им давале скапа биолошка терапија во палијативна фаза кога воопшто не можела да им помогне. Почетокот на судењето е презакажано за 5-ти септември. Потоа судењата ќе продолжат на 10 септември, на 17 септември, на 1 октомври и на 8 октомври. На секое рочиште ќе се испитуваат по 5 сведоци, односно законски застапници на починати и оштетени лекувани пациенти.
Најголемиот скандал во македонското здравство излезе во јавноста во септември 2023 година, по написи во медиумите кои открија сомнежи за разработена шема за кражба и препродажба на скапа биолошка терапија на црниот пазар. Според објавите, на дел од пациентите им била давана половична терапија или физиолошки раствор, додека скапите лекови биле препродавани, а како клучен елемент во злоупотребитенаводно, било исфрлањето од употреба на системот КАТО во 2017 година, кратко откако бил набавен со кој би требало се спречи кражба или злоупотреба.

