Скопје од денеска до 1 ноември е домаќин на Генералната асемблеја на Еуродрам – Европската мрежа за драма и превод, со седиште во Париз, која годинава се одржува во знакот на 25-годишнината од основањето на мрежата. На настаните од 27 октомври до 1 ноември 2026 година ќе присуствуваат 60 меѓународни гости од 28 земји: драмски автори, преведувачи, режисери, драматурзи, издавачи, театарски уметници, истражувачи и други професионалци.
Програмата ја организира Еуродрам во партнерство со Театар Комедија – Скопје, кој е главен домаќин на манифестацијата. Покрај работните состаноци на мрежата, предвидена е јавна програма посветена на современото драмско творештво, книжевниот и театарскиот превод, издавањето драми и нивното претставување пред нови публики. Настани ќе се одржуваат и во Театар Комедија, Европска куќа – Скопје, „Лабораториум“ и книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Свеченото отворање на Генералната асемблеја ќе се одржи утре во 20:00 часот, во Театар Комедија, пред изведбата на претставата „Ивона, принцезата од Бургунд“, а програмата започнува денеска од 18:30 до 19:30 часот, во барот „Бистро“ на Театар Комедија, со промоција на книгата „Зад мене белина“ од Мартин Кушеј, еден од најзначајните современи австриски театарски и оперски режисери во германското јазично подрачје и претходен директор на „Бургтеатарот“ од Виена. Книгата е преведена на македонски од Дарко Јан Спасов и Горан Додевски. Ќе говорат Тина Махкота, Ѓорѓи Јолевски и Мартин Кушеј.
Седмицата на Еуродрам и Генералната асемблеја се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам, Гете-институт – Скопје, ДААД – Германската служба за академска размена – Скопје, Канцеларијата на „Креативна Европа МК“ и Европска куќа – Скопје, како и со придонесот на спонзорите и партнерите.
Основана во Париз во 2001 година, Еуродрам денес обединува повеќе од 300 театарски професионалци во 33 јазични комитети, поврзувајќи драмски и театарски култури од Европа, Централна Азија и Медитеранот. Целта на мрежата е да ја промовира современата драма во превод и да ја направи достапна за театарските професионалци и публиката, во духот на независност, рамноправност и јазична разновидност.
Работата на мрежата се одвива во наизменичен двегодишен циклус. Во парните години, комитетите избираат оригинални драмски текстови на своите јазици и ги препорачуваат за превод на други јазици. Во непарните години избираат преведени драми, со цел да го поттикнат нивното објавување и поставување во сопствените јазични средини.
Овој пристап создава заемна размена: секој комитет истовремено го застапува драмското творештво на својот јазик и отвора простор за дела од други култури. Изборите на Еуродрам се повод за нови преводи, публикации, сценски читања, професионални соработки и театарски продукции.

