Aко Европската Унија се темели на уставни принципи, како почитување на националниот и културниот идентитет и на граѓанскиот дигнитет и интегритет, бараме тоа да го почитува – вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Ветото на Бугарија за Македонија, додава, не е преседан, може да се повторува и затоа ЕУ со одбрана на темелните европски вредности на нашиот пример ќе ја одбрани и својата уставна втемеленост.
– Не се работи за преседан, се работи за нешто што ќе се повторува, го потенцирам ова, и во можни идни случаи. Значи, бранејќи ги темелните европски принципи и вредностите на нашиот пример, ЕУ ќе ги одбрани својата уставна втемеленост и својата сопствена филозофија – рече таа во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата по средбата со словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар.
Прашањето на проширувањето на ЕУ, смета таа, не е само прашање на зајакнување на Унијата, туку е и безбедносно прашање.

– И мислам дека ние, кои стекнавме, замислете, кандидатски статус во 2005 година, сме доволно подготвени за да добиеме шанса во рамките на планот за раст и агендата за раст да се реформираме за да се европеизираме, а не повторно да се ребалканизираме – рече македонската претседателка.
Сиљановска-Давкова повтори дека како претседателка мора да укаже на тоа дека бараме рамноправен статус, привилегии.

– Бараме, како и другите држави, да ги почнеме преговорите, а ветото, не бегаме од ветото доколку е врзано за Копенхашките критериуми. Затоа патот напред го гледам со отворање на преговорите, овозможување она што се гарантира, на пример, за Молдавија и за Украина, да ни се овозможи да ги почнеме преговорите за да можеме реформски да се однесуваме. Има повеќе начини за да може да се почнат преговорите. Европската Унија во многу ситуации манифестира способност за креативност – рече претседателката Сиљановска-Давкова.
Таа смета дека во регионот е потребна меѓусебна поддршка и, како што вели, иако не сме можеби Скандинавци, можеби може да се однесуваме како нив.
– На што мислам? Мислам на поддршката на Шведска, Финска и Норвешка на балтичките држави во процесот на евроинтеграцијата. Но, морам да кажам дека јас препознавам скандинавски примери на Балканот. Еден од нив е Словенија поради поддршката и поради свеста за регионалните интереси. Оти мојата теза е дека – ако не сме спремни да го разбереме соседот во регионот, ако не сме спремни да го поддржиме соседот во регионот, како може да очекуваме разбирање и поддршка во Брисел? Мислам дека е тоа логично и природно – рече Сиљановска-Давкова.
Потсети дека и известувачот за Македонија, Томас Вајц, побарал од правната служба на Европскиот совет да даде толкување за актот, всушност кој ги комплицира работите, а тоа, како што рече, е записник, односно протокол на двајца министри, еден македонски министер за надворешни работи и еден бугарски министер, и дали со записник може да се смени меѓународен договор, тоа е договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

По тет-а-тет средбата на претседателките, Сиљановска-Давкова се потпиша во Златната книга на почесни гости.

Македонската претседателка е во официјална посета на Словенија, каде што денеска имаше средба со словенечката претседателка Пирц-Мусар, која ја пречека со високи државни почести.
По средбата со претседателката Пирц-Мусар, Сиљановска-Давкова имаше средба и работен ручек со претседателот на Државниот збор на Словенија, Зоран Стевановиќ.
Потоа таа положи венец пред Споменикот на жртвите од сите војни и жртвите поврзани со војните.
Македонската претседателка, во рамките на посетата, вчера ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ во Љубљана и оствари средба со членовите на Сојузот на македонските културни друштва и црковните одбори.
Таа се сретна и со македонски иселеници што работат во областа на науката, културата, медицината.
Претседателката Сиљановска-Давкова вчера попладнето одржа состанок со членовите на Македонско-словенечкиот бизнис-клуб, а вечерта во Крањ го посети Македонското културно друштво.
Утре, претседателката Сиљановска-Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет во Љубљана, на тема: „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“.
