Штипска апелација ќе одлучи дали двајцата ексградоначалници на Кочани, Николчо Илијев и Ратко Димитровски, ќе одат во куќен притвор или ќе останат зад решетки за пожарот во кочанската дискотека. Поблага мерка судот во Кочани донесе и за поранешната директорка на ДПИ. Таа веќе е дома, а дали таму ќе заминат и двајцата градоначаклници ќе зависи од апелационите судии. Обвинителство се жали само за одлуката за двајцата градоначалници, оти смета дека мерката за поранешната директорка на пазарна била адекватна, бидејќи биле изнесени околности и причини за тоа. Од 24-осомничени кои се во притвор, имало 22 жалби, а три од нив кочанскиот суд ги прифатил.
- „По жалбите постапуваше Совет од тројца судии (од член 25 став 5 од ЗКП) на Основен суд Кочани и одлучи за 19-деветнаесет осомничени жалбата да се одбие и остане определната мерка притвор, додека за 3-тројца осомничени мерката притвор е заменета со куќен притвор,и согласно член 144, чл. 146 став 1 т. 3 од ЗКП е определена и мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување државната граница односно забрана за нејзино издавање“ соопштија од судот во Кочани.
Во меѓувреме, тече истрагата на обвинителството и на полицијата за пожарот во дискотеката „Пулс“. Последно претреси се правеа во домот на сопственикот Дејан Јованов – Деко, а одземени за вештачење се лап топ компјутери, повеќе мобилни телефони и документи, поврзани со бизнисот со кочанското кабаре. Полицијата изврши претреси во кафе-барот „Класик“, а се испрашуваат и роднините на Јованов. Тој е осомничен за нелегално управување со дискотеката.
Во полициска станица биле викнати сопругата и ќерката на сопственикот на дискотеката. Некои од медиумите објавија дека ќерката ја подигнала фалсификат лиценцата од Министерството за економија.

Во истрагата опфатени се 27 луѓе и три фирми, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од Штип и Кочани. И таа истрага се шири бидејќи според последните информации од МВР, се проверува секое постапување на полициски службеници и вечерта во дискотеката и потпишувањето на согласности за дискотеката да функционира.
- „МВР ве известува дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува во содејство со ОЈО за ГОКК и во оваа фаза од постапувањето не сме во можност да споделиме повеќе податоци во интерес на истрагата“ одговараат од МВР на прашања на Алфа.
Досега осомничени се 34 луѓе и сите се товарат за тешки дела против општа сигурност, а поранешната државна секретарка во Економија и за примање поткуп. Кобниот пожар што се случи на 16 март, однесе 59 животи, а повеќе од 200 луѓе се повредени.
