Три години по ексклузивната изложба на необјавени историски портрети – „Лица на револуцијата“, авторите Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски на јавноста повторно ќе ѝ презентираат оригинални фотографии, значителен дел досега необјавени – портрети и групни од комити и војводи, дејци и интелектуалци во македонското револуционерно движење.
„Револуција во кадар – ВМРО низ фотографии 1893-1934“ е насловена нивната нова изложба која, како и претходната, ќе биде поставена во Галеријата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 26 октомври.
Содржи 60-ина фотографии, кои, како што велат авторите, се своевидни реликвии на времето, преку кои се следи развојот на македонското револуционерно, воено и политичко искуство од крајот на 19 век до почетокот на четвртата деценија од 20 век. Распределени се во три тематско-хронолошки целини: предилинденскиот, илинденскиот и непосредно постилинденскиот период; Балканските војни (1912 и 1913) и Првата светска војна (1914 – 1918) и периодот меѓу двете светски војни односно до 1934 година, кога ВМРО е забранета во Бугарија и нејзината дотогашна организациска структура е разбиена.
Поставката не ја следи идеолошката ориентација на македонските револуционери, така што на некои од старите фотографии, на едно место може да се видат десничари и централисти, врховисти и анархисти, социјалисти и комунисти. На пример, на една групна фотографија, речиси еден до друг, стојат Тодор Александров, изразит десничар и антикомунист, и Панко Брашнаров, левичар по идеологија и член на ВМРО (Обединета).

Личностите се со различно политичко, идеолошко и идентитетско определување, понекогаш со спротивставени погледи и судбини, но сите тие, велат авторите, „на еден или на друг начин, припаѓале на истиот историски простор и биле вклучени во бурните процеси поврзани со Македонија на крајот на XIX и во првите децении на XX век“.
-За некои Македонија била идеал, за други политичка програма, за трети татковина, револуционерна цел или простор за кој биле подготвени да ги положат и сопствените животи. Во „Револуција во кадар“ нема обид минатото да се претстави како еднолична и праволиниска приказна. Напротив, преку различните лица, униформи, организации и идеолошки определби, изложбата го открива богатиот и често противречен борбен, политички и човечки колорит на македонската историја – нагласуваат Ратајкоски и Апостолоски во освртот кон изложбата.
Покрај нивната реткост и можноста првпат да ги видиме историските личности во нивниот автентичен изглед, вредноста на овие фотографии е што претставуваат првостепени визуелни извори кои, според авторите, може да отворат нови истражувачки прашања, да надополнат биографии на одделни личности, да помогнат во попрецизното датирање и лоцирање на одредени настани, но и да потврдат, коригираат или, во одделни случаи, да оспорат досегашни толкувања во историографијата.
Колекцијата ни дава сознанија и за начинот на цивилно облекување (градска и селска облека), комитската облека и војничките униформи, на дел од фотографиите се наѕира и амбиентот и може да се види како пред повеќе од сто години изгледале македонските градови и села. Но, колекцијата ни открива многу и за професионалната фотографија и за фотографите кои, напомнуваат авторите, често во тешки политички и општествени услови со својот објектив создавале визуелен архив на едно време.

Фотографиите го носат печатот на фотостудија / ателјеа што работеле во Македонија, меѓу кои и на браќата Манаки во Битола, како и во Бугарија и пошироко во Османлиската Империја.
-Секоја фотографија во оваа изложба носи најмалку две приказни, приказната за личноста или настанот пред објективот и приказната за фотографот којшто го овековечил. А токму во нивната средба се создава она што денес го препознаваме како визуелна меморија на едно време – додаваат Ратајкоски и Апостолоски, авторите на изложбата, која е посветена на одбележувањето 133 години од основањето на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО).
Во пресрет на нејзиното отворање на 26 октомври од 19 часот во МАНУ, Диме Ратајкоски зборуваше за процесот на истражување и како се наоѓани ретките фотографии. Вели дека потрагата по нив траела со години и одамна ги надминала границите на обичното колекционерство, а љубовта кон старата фотографија кај него се родила од потребата да ја визуелизира историјата.
-Пишаната историја ни овозможува да го разбереме минатото, но фотографијата ни дава нешто што зборовите тешко можат да го заменат – непосредно чувство за неговата стварност, вели Ратајкоски, кој е историчар, новинар, автор на патописни репортажи, актуелен директор на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул.
И на оваа изложба ќе бидат претставени личности од историјата чии ликови досега биле непознати.
– Можеби најголемото достигнување на ваквите истражувања е што повторно им ја враќаме човечката индивидуалност на заборавените ликови. Тогаш историјата престанува да биде само раскажување за минатото и станува средба – вели Ратајкоски во интервјуто во кое открива и која фотографија нему му е најдрага и зошто.
За време на подготвувањето Ратајкоски ни ја покажа и фотографијата која од изборот што ќе биде презентиран ја смета за најмакедонска. Направена е во Скопје во 1910, прикажува собир од повеќе луѓе и централно место има владиката Теодосиј Гологанов, а тука е и револуционерот Петар Поп Арсов. Тие биле казнети поради нивната промакедонска дејност и обидите да основаат прва македонска педагошка школа во Скопје (со покана до Крсте Мисирков да биде нејзин директор) и да ја возобноват Охридската архиепископија.

-Увидувајќи сепаратизам од бугарската Егзархија и основање промакедонска институција, Егзархијата веднаш реагира кај османлиските власти. Теодосиј Гологанов е прогонет од Скопје, а Петар Поп Арсов е разрешен од директор на училиште – вели Ратајкоски.
Изложбата во МАНУ ќе може да се посети една недела по отворањето, а во план е да биде патувачка и поставена и во други градови во земјава. Со овој проект почнале пионерски потфат затоа што, вели нашиот соговорник, македонската фотографија сè уште е недоволно истражено поглавје од нашата културна историја.
-Проблемот е и во тоа што нашата историографија долго време ја третирала фотографијата претежно како илустрација на историскиот текст, а многу поретко како самостоен историски извор кој заслужува сопствено истражување – посочува Ратајкоски во интервјуто.
Во освртот за изложбата велите дека е пионерска работа да се истражува идентификува и документира фотографското наследство поврзано со македонската историја затоа што е расеано по архиви, библиотеки, антикварници, семејни фондови и приватни колекции надвор од Македонија. Раскажете ни накратко како доаѓавте до фотографиите, од кои архиви или лични колекции имате најмногу и дали се тие позајмени само за оваа изложба?
-Мислам дека најнапред треба да се ослободиме од претставата дека историското наследство нужно се наоѓа таму каде што се случувала историјата. Историјата не ги почитува денешните државни граници, а уште помалку ги почитува фотографијата. Таа патува заедно со луѓето, со нивните преселби, прогонства, семејни судбини, но и со политичките пресврти кои неретко одредувале што ќе биде зачувано, а што препуштено на заборавот. Оттука, значителен дел од македонското фотографско наследство денес се наоѓа надвор од Македонија и многу почесто на места каде што никој не би го побарал.
Нашата потрага по овие фотографии трае со години и таа одамна ги надмина границите на обичното колекционерство. Станува збор за истражувачки процес во кој една фотографија честопати води кон друга, едно име отвора заборавена биографија, а еден случаен натпис на задната страна може да ја промени нашата претстава за одреден историски настан. До материјалите доаѓаме на разни начини, преку истражувања, контакти со колекционери и антиквари, преку потомци на фотографираните личности, но и преку долгогодишно следење на меѓународниот пазар на стара фотографија.
Фотографиите претставени на изложбата „Револуција во кадар“ се дел од приватната колекција „Апостолоски и Ратајкоски“, односно станува збор за оригинални историски фотографии кои не се позајмени, туку се откупени во трајна наша сопственост. Особено ми е важно да нагласам дека нивната вредност не ја гледам единствено во реткоста или автентичноста. Фотографијата станува вистински историски документ дури тогаш кога ќе успееме да ѝ го вратиме контекстот, да ги идентификуваме луѓето, времето, местото и околностите во кои настанала.

А пионерскиот карактер на оваа работа произлегува, пред сè, од фактот што историјата на македонската фотографија сè уште претставува недоволно истражено поглавје од нашата културна историја. Проблемот е и во тоа што нашата историографија долго време ја третирала фотографијата претежно како илустрација на историскиот текст, а многу поретко како самостоен историски извор кој заслужува сопствено истражување. Знаеме многу за револуционерните организации, настаните и личностите, но значително помалку за фотографите кои ги овековечиле, за ателјеата во кои настанале тие светлописи, за околностите во кои биле направени и за патиштата по кои фотографиите стигнале до денешните генерации. Токму затоа оваа работа ја разбирам како почеток на еден многу поширок процес. Не станува збор само за дополнување на историскиот албум со неколку нови фотографии, туку за создавање предуслови еден ден да се напише поцелосна историја на македонската фотографија, со нејзините автори, ателјеа, визуелни особености и општествени контексти.
Која фотографија би ја издвоиле по нешто – некоја од која најмногу сте се изненадиле, некоја до која тешко сте дошле или, на пример, некоја што има интересна приказна поврзана со откривањето?
-Секоја фотографија има своја судбина, своја историја и свој пат до нас. Некои бараат години истражување за да проговорат, додека други, уште при првата средба, ве соочуваат со нешто што тешко може да се изрази со зборови. Сепак, ако треба да издвојам фотографија кон која чувствувам особена приврзаност, тоа би бил еден мал портрет, изработен во формат carte de visite, на седумнаесетгодишниот Димитар Робев, потомок на славното македонско семејство Робевци. Колку што ми е познато, тоа е единствената зачувана фотографија од неговиот краток живот. Во неа нема ништо спектакуларно на прв поглед. Младо момче, речиси дете, кое мирно позира пред фотографскиот апарат, несвесно дека тој мал фотокартон еден ден ќе остане можеби единственото визуелно сведоштво за неговото постоење. Но кога ќе ја дознаете неговата судбина, фотографијата добива сосема поинакво значење.

На седумнаесетгодишна возраст, Димитар го напуштил училиштето и се приклучил на македонското револуционерно движење. Наместо младоста да ја помине меѓу училишните клупи и семејната сигурност којашто му ја овозможувало неговото потекло, тој избрал пат кој ќе го одведе во прегратките на смртта. При една неочекувана средба на неговата чета каде бил секретар, со османлиска патрола, првиот и единствен истрел го погодува токму него. Загинал без да испука ниту еден куршум. А бил сè уште дете.
Има нешто длабоко трагично, речиси античко, во таа судбина. Неговата смрт останува првата и последна жртва којашто семејството Робевци ја принесува на олтарот на револуционерното дело. Можеби токму затоа оваа фотографија ми е најдрага. Таа постојано ме потсетува дека зад големите историски зборови, како револуција, слобода, татковина и жртва, стојат вистински човечки судбини. Но фотографијата има една необична моќ да му се спротивстави на тој процес. Таа повторно му дава лице на човекот. Го оживува.
Фотографиите што ќе бидат прикажани се ретки, а и фотографирањето во минатото било реткост. Има ли фотографија од личност во историјата за која досега не било познато како изгледала, а со ова истражување ѝ е откриен ликот?
-Токму ликот на Димитар Робев, за кого претходно говоревме, е еден од таквите примери. Неговото име и трагичната судбина ѝ биле познати на историографијата, но неговиот лик останал непознат. Благодарение на оваа мала портретна фотографија, денес првпат имаме можност да го погледнеме во очи младиот човек чиј живот прерано згаснал во виорот на македонската револуција. И токму во тоа се состои една од највозбудливите димензии на ова истражување. Да му го вратите лицето на некого кого историјата го запаметила единствено по името.

Впрочем, значителен дел од фотографиите, особено оние кои ги претставивме на претходната изложба „Лицата на револуцијата“, првпат ни ги открија ликовите на револуционери за кои дотогаш немавме познати визуелни сведоштва. И тоа, според мене, е една од најсуштинските вредности на целиот процес во кој сме нурнати. Не станува збор само за откривање нови историски извори, туку и за постепено ослободување на нашата историска меморија од анонимноста. На крајот ќе повторам уште еднаш – можеби најголемото достигнување на ваквите истражувања е што повторно им ја враќаме човечка индивидуалност на заборавените ликови. Тогаш историјата престанува да биде само раскажување за минатото и станува средба.
Колку овие фотографии може да ја надополнат приказната, да раскажат повеќе од она што е познато во официјалната историја?
-Историјата најчесто ни раскажува што се случило, додека фотографијата ни овозможува да видиме како изгледал светот во кој тоа се случувало. Таа ги открива деталите кои пишаните извори неретко ги премолчуваат, лицата, погледите, облеката, односите меѓу луѓето, па дури и општествените околности на едно време.
Понекогаш една фотографија може да потврди, да дополни, но и да доведе во прашање сознанија кои со децении сме ги прифаќале како историски факти. Сепак, фотографијата не е непогрешлив сведок на минатото. И таа има свој автор, своја намера и сопствена перспектива. Затоа нејзината вистинска вредност се открива кога ќе ја поставиме во дијалог со другите историски извори.

Вие сте историчар, новинар, автор на патописни репортажи. Како се роди љубовта и љубопитноста за историски фотографии и што ќе кажете за нивниот техничко-уметнички аспект, за вештините во занаетот на некогашните фотографи?
– Мислам дека љубовта кон старата фотографија кај мене се роди од една сосема природна потреба, потребата да ја визуелизирам историјата. Отсекогаш ме интересирало не само што се случувало во минатото, туку и како изгледало тоа минато. Какви биле луѓето за кои читаме, какви биле улиците по кои чекореле, просториите во кои живееле, светот кој ги опкружувал. Пишаната историја ни овозможува да го разбереме минатото, но фотографијата ни дава нешто што зборовите тешко можат да го заменат, непосредно чувство за неговата стварност. Веројатно тука се сретнале мојата историска љубопитност и мојата потреба за раскажување приказни. Зашто, во суштина, и историјата, и новинарството, и патописот се различни начини да се истражува и разбира човечкото искуство. Фотографијата на некој начин ги обединува сите три. Таа истовремено е документ, сведоштво и почеток на една возбудлива приказна.
Што се однесува до техничкиот и уметничкиот аспект, секако дека фотографите од XIX и почетокот на XX век поседувале занаетчиски вештини. Во време кога фотографирањето било сложен и тешко подготвуван процес, тие морале да владеат со светлината, композицијата, хемиските постапки и ограничувањата на тогашната технологија. Нивната работа заслужува сериозно проучување и од аспект на историјата на фотографската уметност.

Меѓутоа, би сакал да направам една важна разлика. Ниту претходната изложба „Лицата на револуцијата“, ниту сегашната „Револуција во кадар“ се замислени како уметнички изложби во класичната смисла на зборот. Ние не ги вреднуваме фотографиите според естетската совршеност, композицијата или авторскиот израз. Нашиот интерес е насочен кон нивната документарна, историска и културолошка вредност. Во овој контекст, една технички несовршена, избледена или оштетена фотографија може да има неспоредливо поголемо значење од беспрекорно изработен студиски портрет, доколку ни открива досега непознато лице или историски факт. Не се обидуваме да ја претставиме фотографијата како уметничко дело, туку да ја прочитаме како историски извор. Зашто, понекогаш највредното во една стара фотографија не е она што фотографот сакал да го покаже, туку она што, сосема несвесно, го зачувал за идните генерации.

