2026-та дефинитивно ќе биде женска година. Сите три бебиња родени во првата минута од Новата година на клиниките во Скопје се женски. На Клиниката за гинекологија и акушерство неколку секунди по полноќ со царски рез се роди Евгенија. Бебето е родено со 2.800 грама и долго 48 сантиметри. Ова е трета рожба на мајката, 38-годишната Емилија Камчева од Скопје. Мајката и бебето се во добра здравствена состојба. Директорката на клиниката и се заблагодари на дежурната екипа која ги извршила првите породување во 2026-та.
– Затоа што домот исполнет со многу дечиња е најсветол, најтопол и највесел дом. Им благодарам на фамилијата Камчеви што се пример и се надевам ќе охрабрат многу семејства во нашата држава да имаат многудетно семејство, рече директорката на ГАК, Папестиев.
Министерот Алиу вели дека трите женски рожби годинава симболизираат здравје и бериќет.

Градоначалникот на Скопје посака уште повеќе семејства со три и повеќе деца во Македонија.
Речиси истовремено на Гинеколошката клиника „Мајка Тереза“ во Чаир во првата минута од новата година, се родија две женски близначки. На 26-годишната мајка ова и е прво породување. Таа е од Дебар, по што итно била префрлена да се породи во Чаир.
„Првото бебе се роди на полноќ, со телесна тежина 2.520 гр. и долго 47 сантиметри. Второто бебе е родено во 00.01 , женско новородено со телесна тежина од 2.010 гр. долго 43 см. и бебињата и мајката се во добра општа кондиција„ – вели директорката на Гинеколошка болница „Мајка Тереза”, Пранвера Изаири.
Надлежните се надеваат дека бројните инвестиции во здравството, како реновирање на гинеколошките клиники и обезбедување паркинг простор за пациентите, ќе придонесат да се зголеми бројот на породувања во државното здравство.
