Почитуван господине Јаневски,
Со внимание го прочитав Вашиот одговор од 24 ноември на мојот осврт за начинот на кој Македонската информативна агенција ги пренесе тврдењата на Мајкл Јидон (Michael Yeadon) за вакцините против КОВИД-19.
Во изминатите денови се посветив на проучување на научните публикации, регулаторните документи, конгресните сослушувања и другите извори на кои се повикувате. Со оглед на обемноста на материјалот, за завршување на таа работа ќе биде потребно дополнително време.
Меѓутоа, некои од Вашите обвинувања и аргументи заслужуваат одговор уште сега.
Ме обвинувате дека Ви наметнувам „цензура под превезот на научен став“.
Дозволете ми да Ве потсетам што напишав во текстот на кој реагирате:
„Новинарството има право и обврска да известува за различни ставови, вклучително и за оние што ги оспоруваат преовладувачките научни сознанија. Ништо спорно!“
Господине Јаневски, навистина ми е тешко да разберам како од оваа експлицитно изразена позиција успеавте да извлечете заклучок дека се залагам за цензура!?
Предмет на мојата критика беше начинот на кој ги презентиравте тврдењата на Јидон пред македонската јавност, особено нивното истакнување во насловот и поднасловот на написот, без соодветно објаснување на нивната научна заснованост.
Како новинар и директор на државна информативна агенција, би требало добро да знаете дека професионалната критика на медиумското известување е составен дел од слободата на изразувањето во едно демократско општество. Таа слобода, господине Јаневски, ја имаме и ние кои го критикуваме Вашето известување, зарем не?
Да одиме понатаму.
Вашето повикување на Галилеј (Galileo Galilei), Коперник (Mikołaj Kopernik) и Бруно (Giordano Bruno) е навистина амбициозно.
Инаку, тврдењето дека образованите луѓе во нивното време верувале оти Земјата е рамна плоча е историски мит. Сферичниот облик на Земјата бил познат уште во антиката. Научниот спор во времето на Коперник и Галилеј се однесувал на хелиоцентричниот модел, а не на обликот на Земјата. Но, ај да не навлегуваме сега и во историјата на астрономијата.
Галилеј и Коперник го заслужиле своето место во историјата на науката со набљудувања, математички аргументи и проверливи сознанија. Самото спротивставување на преовладувачките научни ставови никому не може да му обезбеди статус на научен револуционер.
За тоа се потребни докази.
Понатаму во Вашиот одговор нагласувате дека, токму затоа што сте државна агенција, имате обврска да ја предупредите јавноста за можните штети по здравјето на граѓаните.
Секако, со тоа целосно се согласувам!
Арно ама, таа обврска подразбира внимателна проверка на информациите, консултирање релевантни стручни извори и јасно разграничување на утврдените факти, научните хипотези, сомневањата и личните мислења.
Исто така, тврдите дека сте „само новинска агенција“, која си дозволила да пренесе што се случува во американскиот Сенат.
Но, кој одлучува што ќе биде пренесено? Кој ги избира насловот и поднасловот? Кој одлучува кои изјави ќе бидат истакнати и со какви дополнителни информации ќе бидат придружени?
Не се ли тоа токму уредувачки одлуки за кои некој треба да преземе професионална одговорност, господине Јаневски?
Да се разбереме, од новинарите никако не очекувам да владеат со методологијата на епидемиолошките истражувања, биостатистиката, фармаковигиланцата или научните методи за утврдување на причинската поврзаност. Но, очекувам, секако, да умеат да препознаат кога интерпретацијата на медицинските сознанија бара консултација со луѓе кои професионално се занимаваат со тие дисциплини.
Колку што ми е познато, консултирањето со стручни лица сѐ уште се смета за доблест во новинарството. Или можеби веќе не е така?
Токму во контекст на таа професионална одговорност, во мојата првична реакција го споменав и загрижувачки нискиот опфат со вакцинацијата против морбили, рубеола и паротитис во Македонија.
Зарем навистина не сте свесни дека начинот на кој се известува за една вакцина може да влијае и врз довербата во другите вакцини? Дека во актуелните епидемиолошки околности во нашата земја, тоа може да има сериозни јавноздравствени последици?
Како епидемиолог, имам професионална и морална обврска да предупредам на тој ризик.
И ќе продолжам да го правам тоа.
На неколку места во Вашиот текст ми препорачувате да им пишувам на американските сенатори, на научниците кои сведочеле пред нив и на холандските судии кои дозволиле сведочење на Јидон.
Господине Јаневски, како што сигурно знаете, американскиот Сенат е законодавно тело. Холандскиот суд е судска институција. Сослушувањето на научник пред едното или прифаќањето на неговото сведочење пред другото само по себе не ја утврдува научната валидност на неговите тврдења.
Треба да знаете дека колку и да е голема довербата на холандските граѓани во нивното судство, таа нема никакво влијание врз научната заснованост на тврдењата на Јидон.
Во Вашата аргументација, понатаму, го споменувате дури и финансиското богатство на д-р Патрик Сун Шионг (Patrick Soon-Shiong).
Морам да признаам дека, и покрај моето долгогодишно занимавање со епидемиологијата и биостатистиката, досега не сум сретнал метод за проценка на валидноста на научните тврдења во кој финансиското богатство на истражувачот фигурира како критериум.
Научните тврдења се проценуваат врз основа на методологијата на истражувањата, квалитетот на податоците, валидноста на заклучоците и можноста за нивна независна проверка. И никако поинаку, господине Јаневски!
Истите критериуми важат за Јидон, за Роберт Малоун (Robert Malone), за научниците вработени во „Фајзер“, како и за мене лично!
Меѓу другото, во Вашиот текст ја пренесувате изјавата на Роберт Малоун од декември 2021 година во врска со нелиценцираноста на вакцините против КОВИД-19 во САД.
На официјалната интернет-страница на американската Агенција за храна и лекови (Food and Drug Administration – FDA) е јавно достапен документот со кој се потврдува дека вакцината Comirnaty на „Фајзер“ (Pfizer) и „Бионтек“ (BioNTech) добила редовно регулаторно одобрение за употреба кај лица на возраст од 16 години и постари уште на 23 август 2021 година. [1]
Секоја генерализирана констатација дека во декември 2021 година ниту една вакцина против КОВИД-19 во САД не била лиценцирана е, според тоа, фактографски неточна.
За проверка на овој податок навистина не е потребна диплома од медицински факултет.
На друго место во Вашиот текст се повикувате и на наодите за присуство на вакцинални компоненти во јајниците на експериментални животни. Во првичниот напис, пак, Јидон таквата распределба на вакциналниот материјал ја поврзува со можноста за предизвикување неплодност.
За да се утврди дали вакцинацијата навистина влијае врз плодноста кај луѓето, потребни се соодветно дизајнирани истражувања во човечката популација. Никако не лични впечатоци.
И што вели науката?
Во 2022 година, во научното списание American Journal of Epidemiology, беше објавена проспективна кохортна студија во која биле вклучени 2.126 жени од САД и Канада кои се обидувале да забременат. Истражувачите не утврдиле статистички значајно намалување на веројатноста за зачнување поврзано со вакцинацијата на кој било од партнерите. [2]
Се прашувам дали при подготовката на Вашиот текст сте се запознале и со вакви истражувања.
Понатаму во текстот наведувате и пример на човек кој се заразил и покрај тоа што бил шестпати вакциниран, по што давате мошне категорична оценка дека тврдењата за спречување на епидемијата со вакцинација биле лага.
Тука дозволете ми малку доцирање.
Во епидемиологијата, ефективноста на една вакцина се проценува преку споредување на ризикот од инфекција, заболување, хоспитализација или смрт кај соодветни популации и земајќи предвид бројни други фактори. Важни се и времето поминато од вакцинацијата и карактеристиките на циркулирачките варијанти на вирусот.
Вакцините против КОВИД-19 обезбедуваа различен степен на заштита од овие исходи во различни фази на пандемијата. Заштитата од инфекција опаѓаше со текот на времето, а заштитата од симптоматско заболување дополнително се намали со појавата на варијантата омикрон. [3,4] Првичните очекувања за долготрајна контрола на ширењето на вирусот преку вакцинација не се исполнија и мораа да бидат коригирани.
Неспорно е дека и јавната комуникација за тие очекувања заслужува критичко преиспитување.
Меѓутоа, од еден случај на инфекција кај вакцинирано лице да се извлече заклучок дека целокупната аргументација за ефективноста на вакцинацијата била лага, е методолошки неодржливо!
Одиме понатаму.
На неколку места во Вашиот текст, господине Јаневски, ме прашувате дали ме загрижуваат податоците за можни сериозни несакани ефекти од вакцинацијата.
Се разбира дека ме загрижуваат.
Проучувањето на ризиците по здравјето на населението, вклучително и ризиците од медицинските интервенции, е составен дел од дисциплината на која ѝ го посветив својот професионален живот.
Секој човек кој се сомнева дека неговите здравствени проблеми се последица на вакцинацијата заслужува сериозно внимание, соодветно медицинско испитување и почитување на неговото искуство.
Токму преку систематско истражување на пријавените сомневања беа идентификувани и документирани ретки, но сериозни несакани ефекти од вакцините против КОВИД-19, меѓу кои миокардитисот и перикардитисот по примената на вакцините со информациска РНК (mRNA), како и синдромот на тромбоза со тромбоцитопенија по примената на аденовирусните векторски вакцини Vaxzevria (AstraZeneca) и Jcovden (Janssen). Овој последен синдром може да има и смртен исход. [1,5]
Овие сознанија беа јавно објавени од регулаторните агенции и доведоа до промени во предупредувањата и препораките за употреба на вакцините.
Со посебно внимание ја прочитав Вашата споредба меѓу поединечен случај на семејно насилство и појавата на малигно заболување или неплодност по вакцинацијата.
Таа споредба мошне добро илустрира зошто е потребна стручна консултација при интерпретацијата на медицинските податоци.
Да се утврди дека едно заболување се појавило по вакцинацијата е една работа и претставува посебна истражувачка задача. Арно ама, да се утврди дека тоа заболување се појавило поради вакцинацијата е сосема друга работа и тоа си бара дополнителни докази.
Во медицината одамна се развиени научни методи за утврдување на причинската поврзаност (каузална асоцијација). Поединечните случаи можат да бидат драгоцен почетен сигнал за такви истражувања.
И кога ќе се утврди причинска поврзаност, јавноста има право да знае колку е голем ризикот, кај кои категории лица е најизразен и како тој ризик се менува со употребата на различни вакцинални производи.
Сето тоа е дел од одговорното информирање за здравјето. Се согласувате, претпоставувам, господине Јаневски.
И уште нешто. Во Вашиот текст ја споменувате и суетата.
На едно место го пренесувате повикот на сенаторот Рон Џонсон (Ron Johnson) за понизност, саморефлексија и надзор, по што додавате: „Не бара суета“.
Има нешто што се вика научна скромност. Таа подразбира постојано преиспитување на сопствените сознанија, признавање на ограничувањата на расположливите докази и подготвеност за коригирање на претходно изнесените ставови.
Ако се појават валидни научни докази кои ги оспоруваат моите сегашни сознанија, ќе ги прифатам и јавно ќе ги коригирам моите ставови. Тоа е обврска на секој научен работник.
Ама, истата подготвеност за коригирање на сопствените ставови и за преиспитување на сопственото работење треба да ја демонстрираат и оние кои професионално се занимаваат со информирање на јавноста.
Претпоставувам дека и новинарската професионална етика подразбира извесна мера на саморефлексија.
Вашиот одговор содржи уште многу прашања и тврдења – за Нирнбершкиот кодекс, за наодите од Хонг Конг, за биолошките механизми на дејствување на вакцините, за малигните заболувања, за резултатите од обдукциите и за други можни здравствени последици од вакцинацијата.
Секое од нив заслужува внимателна анализа.
Таа анализа е во тек. Ги проверувам оригиналните извори, научните истражувања, нивната методологија, регулаторната документација и основаноста на интерпретациите што ги пренесувате.
По нејзиното завршување ќе Ви ја доставам и ќе ја направам јавно достапна, со соодветна документација и референци. Верувам дека ќе биде корисна за новинарите, здравствените работници, студентите и за сите граѓани кои имаат дилеми во врска со овие прашања.
Воедно, сметам дека е крајно време во јавната дискусија да се вклучат и надлежните здравствени и научни институции во земјава. Граѓаните со право очекуваат од нив стручно образложени ставови за прашања од вакво значење за здравјето на населението.
На крајот, господине Јаневски, во завршницата на Вашиот текст јавно изразивте подготвеност МИА да ги објавува моите ставови.
Со задоволство ја прифаќам Вашата покана.
Со почит,
Проф. д-р Драган Даниловски
Епидемиолог
Референци:
1. U.S. Food and Drug Administration. FDA Approves First COVID-19 Vaccine. August 23, 2021.
https://www.fda.gov/news-events/press-announcements/fda-approves-first-covid-19-vaccine
2. Wesselink AK, Hatch EE, Rothman KJ, et al. A prospective cohort study of COVID-19 vaccination, SARS-CoV-2 infection, and fertility. Am J Epidemiol. 2022;191(8):1383–1395.
https://doi.org/10.1093/aje/kwac011
3. Feikin DR, Higdon MM, Abu-Raddad LJ, et al. Duration of effectiveness of vaccines against SARS-CoV-2 infection and COVID-19 disease: results of a systematic review and meta-regression. Lancet. 2022;399(10328):924–944. https://doi.org/10.1016/S0140-6736(22)00152-0
4. Andrews N, Stowe J, Kirsebom F, et al. Covid-19 Vaccine Effectiveness against the Omicron (B.1.1.529) Variant. N Engl J Med. 2022;386(16):1532–1546.
https://doi.org/10.1056/NEJMoa2119451
5. European Medicines Agency. Safety of COVID-19 vaccines.
https://www.ema.europa.eu/en/human-regulatory-overview/public-health-threats/coronavirus-disease-covid-19/covid-19-medicines/safety-covid-19-vaccines
