Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски денеска ги промовираше новопоставените фотоволтаични системи во детската градинка „Орце Николов“ во Карпош 3.
Општина Карпош информира дека во рамките на програмските активности на Секторот за екологија и енергетска ефикасност, во тек е поставување фотоволтаични централи и во детските градинки „Пролет“ во Козле и „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2.
За реализацијата на оваа инвестиција, како што е наведено во соопштението, Општина Карпош издвоила 2.139.988 денари од сопствениот буџет.

– Градоначалникот Лукровски истакна дека вложувањето во обновливи извори на енергија е инвестиција во долгорочна одржливост, намалување на трошоците и создавање подобри услови за престој на најмладите. Ова е продолжение на успешниот процес на енергетска трансформација на општинските објекти. Во текот на 2024 и 2025 година, фотоволтаични системи беа поставени на сите 10 основни училишта под надлежност на Општина Карпош, стои во соопштението.
До крајот на 2026 година, како што наведуваат, предвидено е поставување фотоволтаична централа и на уште еден објект на детската градинка „Мајски цвет“ во Карпош 4.

