Извештајот на ГРЕКО ги потврдува напорите на Владата во борбата против корупцијата. Премиерот Мицкоски задоволен од оцената дека Македонија бележи напредок во и дека има имплементирано 17 од вкупно 23 препораки. Тој вели дека по години на институционален мрак, извештајот е сигнал дека Македонија се движи напред, кон систем што функционира.
Според Мицкоски, се нотира напредок за само една година, односно наместо држава кадешто корупцијата била правило, правдата селективна, а институциите нефункционални, ова е потврда дека Македонија бележи видливи резултати, подобрувања и ја напушта старата пракса.
„Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција. Корупцијата не беше појава – беше правило. Правдата беше селективна. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. Тоа беше сликата која ја наследивме. И затоа, една од првите и најрешителни борби што ја започнавме беше токму борбата против високата корупција. Во таа борба, денес имаме и прва поголема потврда од меѓународната заедница. По години на институционален мрак, извештајот на ГРЕКО кок вчера беше објавен е сигнал дека Македонија се движи напред, кон систем што функционира. Со затворањето на постапките за усогласување, Групата на држави против корупција на Советот на Европа испрати јасна порака: дека постојат видливи резултати, конкретни подобрувања и силна политичка волја за прекин со старите практики. Ова не е само административно признание- ова е институционална пресвртница. Првпат по долго време, државата не е предмет на критика, туку на признание за сериозен напредок во борбата против корупцијата. Тоа ни дава поттик, но уште повеќе носи одговорност. Борбата против корупцијата не е декларација туку системска промена што сега добива и меѓународна потврда“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.

ГРЕКО ги потврди мерките кои беа преземени за зајакнување на транспарентноста и промовирање на интегритетот на извршната власт. Го поздравува формирањето на електронска база на податоци за евиденција и проверка на анкетните листови за имотот на функционерите. Во извештајот пишува дека очекувањата се нацрт-измените на Законот за спречување корупција и судир на интереси, насочени кон зајакнување на режимот на санкции, да бидат усвоени до крајот на годинава.
ГРЕКО забележува напредок особено во законската реформа за поголема оперативна независност на полицијата и механизмите за надзор. Сепак, бара да се вложи повеќе напор за да се обезбедат објективни и транспарентни процени и да се зајакне заштитата на дојавувачите. Се очекуваат подобрувања во воспоставувањето на регистарот на податоци, целосната имплементација на електронската база на податоци за анкетни листови за имотната состојба на функционерите, подобрување на режимот на санкции за прекршување на правилата за судир на интереси, интегритет и антикорупција, измени на процедурите за тестирање на интегритетот во рамките на полицијата, вклучително и нивна евалуација.
