86 000 квадратни метри, или запуштена површина која требаше да биде парк со големина на 12 фудбалски игралишта, се протега крај кејот на Вардар, во Карпош 4, на местото што некогаш беше депонија за градежниот шут од Скопскиот земјотрес. Оттогаш па навака, градските власти, никогаш не му најдоа практична примена – се додека не почнаа на негова сметка да се редат предизборни ветувања. Се започна во 2017та година кога тогашниот градоначалник Петре Шилегов ветуваше мега парк со ботаничка градина. Но Скопјани, на жалост, никогаш не го видоа.
‘’Ако е дадено пари за ова, тој што дал пари нека дојде нека одговара, за ова што е вака оставено. Да дадеш толку пари а да го оставиш вака да се упропасти, треба да си тотален талент.’’
‘’Дефинитивно е направен и запуштен, периодов, овде проаѓам скоро секој ден, одам на трчање на кеј и сметам дека малку треба да се заживее местово, од кога се направи до сега па нема некои големи промени само се пополнети дупките и исчистена е депонијата. Малку треба да заличи да се засади тревичка или некое цвекенце… фали дефинитивно осветлување во овој регион од градот и многу повеќе зеленило и дефинитивно можам да приметам дека нема ниту една корпа за отпадоци, што исто така недостасува.’’

‘’Kако се што е во Македонија, ќе почнат и ќе го остават, така?’’
Денес по речиси осум години од првите ветувања, просторот се уште чека на реализација и уредување. Дел од градежните активности ги продолжи и раководството на актуелната градоначалничка Данела Арсовска но и тие траеа кратко. Ветуваа многу а не исполнија ништо.
Алфа побара одговор од град Скопје, но како по обичај, воопшто не го добивме.
‘’Еве тука со години поминувам поред кејов, се шетам, нит сум видел некој да одржува ниту дека нешто прават. Види како е зараснато. Така? А погледни доле што прават на кејот, садат трева, уште овци да донесат овде и да молземе овци. Катастрофа.‘’
Од другата страна на мостот се протегаат уште неколку илјадници квадратни метри јавен простор кој не е опфатен од ниту еден општински или градски проект. А е своевиден мост меѓу градскиот парк и паркот во Карпош 4. Доколку би се поврзале со вегетација и инфраструктура, Скопје би добил една зелена оаза каква што навистина заслужува.
Но за реализација на овој сон, ќе почекаме одговор од новиот градоначалник, кој Скопјани ќе го изберат во месециве кои следат.
Новинар Кристијан Ниновски
