Сигурноста и стабилноста на регионот не се само политички цели, туку заедничка обврска. Соработката во одбраната е дел од пошироката европска перспектива – преку заеднички иницијативи се јакнат институциите и се подготвува инфраструктурата за стандардите на Европската Унија. Министрите за одбрана на Македонија и Босна и Херцеговина се согласија дека преку конкретни проекти и отворен дијалог, се гради стабилно партнерство засновано на доверба и заеднички интереси.
На денешната средба помеѓу Владо Мисајловски и Зукан Хелез во Скопје, покрај темите од областа на одбраната, во фокусот беа и европските процеси, напредокот на реформите и заедничките стратешки цели. Посебен акцент беше ставен на образовната поддршка што ја добиваат питомците од Босна и Херцеговина на македонската Воена академија. Во однос на придонесот во ЕУ мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, Мисајловски ја потврди посветеноста, со оглед на тоа што дури 33 македонски припадници се дел од оваа операција.
Двете земји се посветени на продлабочување на соработката на нашите две пријателски земји. Зборуваме за безбедноста и стабилноста на целиот регион. На министерот Хелез му упатив уверување дека како земја членка на НАТО сме подготвени да ја продлабочуваме соработката за подобро утре на нашите граѓани. Во контекст на стабилноста остануваме посветени и на АЛТЕА. Ќе присуствуваме и на првиот академски час на Воената академија. Имаме повеќе питомци од Босна и Херцеговина. Взаемната доверба е на многу високо ниво, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина истакна дека образовната поддршка што ја добиваат од Македонија е од големо значење за иднината на босанските вооружени сили. На тема ЕУ, Хелез порача дека заедничкиот пат кон европското семејстрво, е уште еден стратешки столб на соработката меѓу двете земји. Овој процес според него, не е само институционален напредок, туку и можност да разменуваме искуства и да градиме заеднички капацитети – особено во областа на безбедноста и одбраната.
Зборувавме за многу важни теми, од областа на одбраната. Тоа што ни помагате во школувањето на нашите идни војници е показател за нашиот однос. Стручното знаење кое ќе го стекнат тука, ќе го применат во нашата земја. Нашите две земји имаат сличен состав, двете се мултиетнички и така разменуваме искуства. Соработиваме и во областа на надворешната политика бидејќи имаме сличен пат кон ЕУ, рече министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез.
Во рамки на посетата на Хелез на Скопје, по средбите во министерството за одбрана, двајцата министри присуствуваа и на првиот академски час на Воената академија.
Средбата ја истакна важноста на меѓусебната поддршка, заедничките безбедносни цели и ангажманот во подготовка на млад воен кадар, како дел од пошироките напори за стабилност и европска перспектива на регионот.
