Министерот за правда, Игор Филков, на денешната прес-конференција се осврна на Реформската агенда и законите кои се подготвени или се во финална фаза на усвојување во изминатите 10 месеци.
Според министерот, во моментов се подготвени Предлог Законот за судски совет, Предлог Законот за јавно обвинителство, Предлог Законот за платите на јавните обвинители, Кривичниот законик, Предлог Законот за кривична постапка и Предлог Законот за судска служба. Во тек е подготовката на Предлог Законот за судски буџет, Предлог Законот за Советот на јавни обвинители, Предлог Законот за јавнообвинителска служба, како и измени на Изборниот законик, поддржани од ОДИХР. Меѓу другите закони во подготовка се и оние кои се однесуваат на платите на судиите, јавните обвинители и јавно обвинителската служба, како и законите за слободен пристап до информации од јавен карактер, помилување, вештачење, нотаријат, извршување, пробација, извршување на санкции, конфискација на имот во граѓанска постапка и заштита на лични податоци.
Министерот Филков истакна дека Реформската агенда има строго утврдени рокови до кои законот треба да биде донесен од Собранието, додека Годишната програма на Владата предвидува претходна фаза кога законот треба да биде доставен до ЕНЕР или до Владата. Во просек, собраниската постапка трае два месеца, но за некои закони, како Изборниот законик, потребен е широк политички консензус.

Министерот нагласи дека целта е да се донесат квалитетни измени и законски решенија во интерес на граѓаните, а не како во минатото, кога измените се носеле во интерес на поединци или групи. Тој појасни дека законите се веќе подготвени, транспарентно објавени и доставени, и дека Министерството за правда нема да дозволи реформите да бидат жртва на дневна политика или бирократска инертност.
„Реформите не се желба, туку одговорност. И Министерството за правда ја носи таа одговорност до крај“, заклучи министерот Филков.
